Колку што сум информиран, веќе е остварена комуникација од Кабинетот на спикерот со компанијата која што треба да ја гради катната гаража. Мислам дека следната недела во зградата на Собранието, ќе има средба кое сето ова ќе биде надминато. Треба да знаеме дека компанијата ги има испочитувано сите услови согласно закон и сега не можеме да ја оштетиме компанијата затоа што некој некогаш бил неразумен и направил нешто со кое може да ја загрози безбедноста на македонското Собрание. Сега треба да го решаваме тоа, рече премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање околу проблемот со катната гаража кај Законодавниот дом, со оглед дека МВР излезе со соопштение дека тоа земјиште е небезбедно за изградба.
Според Мицкоски, точно е дека Собранието е небезбедно со изградбата на овој објект, но вели „мораме да водиме сметка и компанијата-инвеститор да не биде во загуба затоа што некој се однесувал незрело тогаш“.
-Затоа треба да најдеме начин во кој сите ќе добијат, посочи претседателот на Владата.
Премиерот посочува дека вистинската адреса за оваа тема е Собранието, но денес даде одговор бидејќи штотуку бил запознаен со ситуацијата.
Проектот за изградба на катната гаража до Собранието не доби позитивно мислење од Министерството за внатрешни работи. МВР утврди дека изградба на комерцијален објект до Собранието е безбедносен ризик и може да предизвика импликации во работењето на институциите.
Во јуни 2013 година на електронска аукција во Министерството за транспорт и врски, земјиштето од 2.455 метри квадратни го купи фирмата „Анго“ ДООЕЛ за 8.355 денари или за околу 135 евра за метар квадратен. Планот предвидуваше гаражата да биде висока девет метри, а 15 отсто од објектот можеше да биде деловен простор.
Катноста на објектот согласно Детален урбанистички план е П+2, а влезот е предвиден од пристапната улица помеѓу Собрание и Дом на АРМ.