Сега за секоја надлежност на Владата имаме по еден министер, заменик министер, државен секретар, советник на премиерот и национален координатор. Дали Владата планира да именува национален координатор за координација на координаторите, прашуваат од СДСМ по назначувањето на неколку нови национални координатори.
Според СДСМ, со одлуки на Владата на овој начин се празни и ограбува буџетот за задоволување на апетите и плаќање на оние кои партиски му помагале на ВМРО-ДПМНЕ.
-Додека министерката за финансии Кочовска вели дека навечер оди по канцелариите во министерството да гаси светла за да не се троши струја, дава согласност за да се вработуваат партиски кадри.
СДСМ препорачува Кочовска да не се мачи со гасење светла и штедење на кафе во министерството. Доволно е Влатко Ѓорчев да не е вработен на државен трошок кој годишно ја чини државата околу 2 милиони денари. Лицемерието на ДПМНЕ не познава граници, стои во партиското соопштение.
Влатко Ѓорчев е назначен за национален координатор за демографија, млади и човечки ресурис, на последната владина седница и Лилјана Затуроска е именувана за национален координатор, заедно со Верче Мицевска а претходно Павле Трајанов, Блерант Рамадани, Солза Грчева…
Според СДСМ, Ѓорчев, како пратеник во 2020 година беше на чело на собраниската Комисија за труд и социјална политика и ги кочел законите за зголемување на платите во образованието, законите за зголемување на пензиите, за зголемување на минималната плата.
Во 2021 година, Ѓорчев реши да работи во реалниот сектор, отворајќи сопствена фирма. Преку објава на Инстаграм, тој кажа дека неговата фирма ќе биде во областа на маркетингот, советувањето, трговијата и услугите.