Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека важноста на возачките дозволи со старото уставно име, согласно со промената на законот за безбедност во сообраќајот, е заклучно со 31.12.2024 година. Министерството ги повикува сите граѓани кои се уште имаат возачка дозвола со старото уставно име, да ја обноват својата возачка дозвола, до истекот на рокот, со цел да не се создаваат непотребни гужви.
-Сите капацитети на министерството и шалтерите на управните служби функционираат во полн капацитет и можат да ги услужат граѓаните да ги заменат своите возачки дозволи во редовниот рок до 31.12.2024, без никакво доцнење и гужви. Поднесувањето документи и сликањето за воаачка дозвола на шалтерите се врши без потреба од закажување на сите пунктови за вадење на лични документи во управни служби на министерството за внатрешни работи, соопштија од ресорот.
Неодамна првиот човек на полицијата, Панче Тошковски информираше дека досега се издадени 750 000 возачки дозволи со новото уставно име.
„Повеќе нема гужви, ќе бидеме особено фокусирани на ова. Ги замолувам сите граѓани кои што имаат возачки дозволи со старото име да пристапат во рамки на просториите на МВР и да поднесат барање за промена“, рече Тошковски и најави дека МВР преку кампања ќе ги повикува граѓаните.
Со 90 гласови „за“, ниту еден против и воздржан, Собранието на 12-ти февруари, по скратена постапка го донесе Законот за измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата според кој, возачките дозволи со „Република Македонија“ ќе важат до крајот на годината. Согласно измените, рокот за вадење нови возачки со ознаката „Република Северна Македонија“ се продолжи до 31 декември 2024.