Филипче за заемот од Унгарија: За прв пат некој друг ќе ни кажува која фирма ќе ги земе провизиите

од Nikola Popovski
58 прегледи

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче смета Законот за кредитот од Унгарија се носи по скратена постапка за да нема доволно време за дискусија, ниту за анализа од страна на експертите. Вели дека речиси цела недела законот се криел од јавноста.

-Зошто на шверцерски начин се обидуваат да го протнат во Собрание? За жал, констатираме и дека од авион се гледа корупција во овој закон. Имено, како никогаш досега, една фирма која ќе биде одговорна за провизиите, ја назначува унгарската банка која ги дава парите. Тоа никогаш не било случај во нашата земја – секогаш кога имало меѓународна куќа, таа била позната и ја обезбедувала државата, со цел да се заштити. Сега некој друг ни кажува кои адвокати и која фирма ќе ги земе тие провизии. Сметам дека е голем корумписки проект кој веќе влегува во законска процедура. Генерации и генерации ќе плаќаат камати…Внимателно ќе следиме кои ќе бидат фирмите од Унгарија одговорни за провизиите, рече Филипче при промоцијата на воведувањето електричен градски превоз во Струмица и приградските средини.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на новинарско прашање рече дека за унгарскиот заем од 500 милиони евра ќе се потрошат 70.000 евра за фирмата која правно ќе го администрира задолжувањето.

Според предлог-законот доставен до Собранието, заемот од 500 милиони евра ќе се повлече во една транша, со грејс-период од три години. Заемот ќе се отплаќа во 24 полугодишни рати, со рокови на 15 февруари и 15 август секоја година. Дополнително, се предвидува плаќање на провизија од 0,5% на годишно ниво за неповлечените средства, која ќе се пресметува на дневна основа.

Слични содржини