Унгарскиот кредит помина на Комисијата за финансирање и буџет, ќе се гласа на пленарка во вторник

од Nikola Popovski
21 прегледи

Заемот од Унгарија, тежок половина милијарда евра, го мина комисискиот филтер. Опозицијата која претходно се закани со блокада, не беше во салата. Со седницата претседаваше пратеникот Бојан Стојановски откако во дадениот рок во Деловникот, претседателката на Комисијата, Сања Лукаревска не ја закажа седницата.

Собраниската расправа за заемот ќе се одржи во вторник и тогаш најверојатно ќе се гласа за законот.

На денешната комисиска седница се обрати заменик министерот за финансии, кој уверуваше дека кредитот е оправдан и ќе се потроши за проекти на општините кои се заглавени во долгови. Заемот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години, каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти, Република Северна Македонија ќе ѝ плаќа на Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво.

Опозицијата обвинува дека задолжувањето кај унгарската банка е без преседан и не постојат јасни критериуми и механизми како ќе се прераспоредуваат, предупредуваат дека има опасност од скриени трошоци. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вчера рече дека предлог-законот нема да биде ставен на Комисијата за финансирање и буџет и инсистира на негово носење по редовна постапка и со дебата.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека со блокадата на заемот од Унгарија, СДСМ директно работи против граѓаните и стопанството.

Од Владата велат дека заемот од половина милион евра од Унгарија е со помала камата отколку задолжувањата на претходната влада на СДСМ и ДУИ, што е од 12 до 20 пати поголемо.

Премиерот Христијан Мицкоски по средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на Самитот на НАТО во Вашингтон обелодени дека унгарската Влада ќе ѝ позајми на македонската Влада 500 милиони евра, иако првично најавуваше една милијарда.

Слични содржини