ДУИ повикува на итно спроведување на уставните измени

од Nikola Popovski
111 прегледи

Дојде време да ги исполниме ветувањата дадени пред нашите граѓани, кои континуирано го поддржуваат евроатлантскиот пат на нашата земја, се вели во соопштението на ДУИ по претстојното отворање на преговорите на ЕУ со Албанија и одвојувањето од заедничкиот пакет со Македонија.

Според партијата на Али Ахмети, последните случувања покажуваат дека се стеснува прозорецот за решителни одлуки.

-Истекот на рокот за уставни измени е критичен момент. Уставните амандмани не се само законска обврска – тие се морална и стратешка обврска која обезбедува нашата земја да остане на патот на евроинтеграциите, велат од ДУИ, нагласувајќи дека оваа партија останува одлучна на својот став за итно спроведување на уставните промени и внесување на Бугарите во Преамбулата.

-Нашата одговорност не е само пред нашите гласачи, туку и пред целата држава. Ги повикуваме сите страни да ги стават интересите на Северна Македонија и нејзините граѓани на прво место и да дејствуваат во согласност со европските аспирации кои не обединуваат сите. Рокот помина, но одговорноста останува. Сега е време за јасни одговори и решителни дејствија, стои во реакцијата на ДУИ.

Скопје и Тирана раздвоени на европскиот пат. Амбасадорите на земјите членки на ЕУ едногласно одлучија, на 15-ти октомври во Луксембург да се одржи втора меѓувладина конференција со Албанија, со што земјата ќе почне да ги отвора поглавјата од првиот кластер – темели.

За Македонија останува да се исполни условот од преговарачката рамка за уставните измени.

Македонија и Албанија ги почнаа пристапните преговори со ЕУ во јули 2022 година, кога беа одржани првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана.

Слични содржини