МВР и ЦУК со нови детали за пожарот во Чаир: Еден пожарникар хоспитализиран, лекарска помош побарал и полицаец

од Илинка Илиоска
23 прегледи

Поради вдишување на чад од пожарот во Чаир до 06:30 часот во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за укажување помош се јавиле неколку лица, од кои еден пожарникар и еден полициски службеник, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Оттаму дополнуваат дека во 06.30 часот од кровот на зградата биле симнати повеќе станари и ниту еден нив немал повреди.

– На 02.10.2024 во 01:55 часот во СВР Скопје било пријавено дека настанал пожар во подрумски простории во зграда на улица „Серава“ во Скопје. На лице место упатена е екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје и полициски службеници од СВР Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, се вели во соопштението на МВР.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) и од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Скопје велат дека во текот на ноќта, во 01:50 часот добиле пријава за пожар во запален магацин на неутврдена површина на улицата „Прохор Пчински“ во Скопје.

Во гаснењето на пожарот, кој зафатил и дуќани, интервенирале 20 пожарникари со седум противпожарни возила.

– На лице место освен единици од БППЗ кои го гасат пожарот биле и полиција и Итна медицинска помош. Според утринскиот службен извештај од БППЗ, еден пожарникар бил однесен на токсикологија поради големо количество вдишан чад, стои во соопштението од ЦУК.

Од противпожарната единица потврдуваат дека еден пожарникар бил однесен на Токсикологија поради големо количество вдишан чад при интервенција во Општина Чаир.

Слични содржини