Интервју со Дуковска-Павловска: Макстил во целост ги следи и поддржува сите нови трендови за зелената транзиција

од Vladimir Zorba
117 прегледи

Макстил во целост ги следи и поддржува сите нови трендови за зелената транзиција и е лидер во континуирано спроведување мерки со кои се минимизира влијанието врз животната средина. Покрај примена на енергетски ефикасни технологии, се обидуваме да го позиционираме Макстил како пример во примената на концептот на циркуларна економија, вели во интервју за „Локално“ Марија Дуковска-Павловска, Генерален директор на Макстил .

За недостигот на обучен кадар и иселувањето на младите, смета дека е сериозен проблем за многу компании, вклучувајќи го и Макстил.

-Затоа ние преземаме низа мерки за задржување на постојните вработени преку мотивациски програми, следејќи ги трендовите од година во година и потребите на нашите вработени, исто така превземаме мерки за мотивирање, привлекување и задржување на младиот стручен кадар во државата. Макстил вложува многу и во привлекување на младите кадри и промоција на металургијата како индустрија и стручните училишта во државата, истакна Дуковска-Павловска во интервјуто.

Препознатливи како лидер во металуршката индустрија, успевате да опстоите и покрај сите предизвици  и тоа како на домашниот, така и на странскиот пазар. Колку е формулата за успех условена од капацитетот на менаџерскиот тим, а колку од подршката на државата?

-Успешната работа на Макстил е резултат на 27 години напорна работа, соочување со бројни предизвици, будно следење на развојот на нашата гранка и постојаната модернизација, а со тоа градење перспективна иднина и трасирање на патот кон уште поголеми успеси. Бидејќи имиџот на компанијата е нешто што се гради со години и со децении, во изминатиот период вложивме многу енергија и средства во модернизација на производството, подобрување на условите за работа, подигнување на стандардите за безбедност и здравје при работа, станувајќи модерна компанија и најголем регионалeн производител на топловалани дебели лимови.

Би сакала да истакнам дека успехот на Макстил е резултат на ангажманот на сите вработени кои знаат дека успехот на компанијата резултира со уште подобри услови и можности за работа и општа благосостојба. Со оглед дека како компанија имаме силен придонес во економијата со големо учество во извозот и БДП, би било логично да имаме поддршка и од државата, по примерот на Владите на земјите членки на Европската Унија, каде што веќе се работи согласно интегриран транзициски пристап кон производство на зелен челик. Оттука, сметам дека и нашата Влада треба да го следи овој позитивен пример и да работи заедно со компаниите во креирање на политики, кои ќе донесат позитивни економски ефекти.

Како компанија се надеваме на зголемена соработка и разбирање од страна на државата во наредниот период бидејќи претстои стапување во сила на новиот механизам за спречување на одлевање на јаглеродните емисии во Европска Унија (ЦБАМ). Односно, Европската Унија воведува данок на јаглеродни емиси, што за нас, како РС Македонија ќе стапи на сила од 1 јануари 2026 година. Со оглед на тоа што при имплементација на дел од тие проекти, од наша страна, како и од страна на останатите индустриски капацитети опфатени со новата директива, се потребни обемни инвестиции, нашите очекувања се дека државата, како покровител на зелената транзиција, при спроведувањето на европските политики во значителна мера ќе ги поддржи компаниите со субвенции на дел од тие проекти, што сметам дека би било позитивен чекор во знак на поддршка на целиот процес.

Креирањето на партнерски однос со државата е клучно во креирањето одржлива иднина, и на тој начин иницијативите од страна на државата секако ќе бидат од голема помош за индустријата, додека имплементацијата на инвестициите за декарбонизација од страна на компаниите, ќе доведе до намалување на јаглеродните емисии создадени од страна на индустријата и би се овозможило директно учество во намалувањето на јаглеродниот надоместок што во крајна линија ќе влијае на зголемување на конкурентноста на македонските компании кои се извозно ориентирани.

Колкаво е учеството на компанијата во извозот на државата и во вредноста на БДП? Колкаво е влијанието на актуелните економски состојби? Макстил е извозно ориентирана компанија  која своите производи ги пласира на светските пазари. Во кои се држави ги има вашите производи, но и генерално  дали и каде има простор за олеснување и унапредување на извозниот процес?

-Макстил претставува лидер во металуршката индустрија, со учество во нето извозот на државата од 1%, додека пак во вредноста на БДП учествуваме како компанија со 0,3 отсто. Нашиот финален производ е топло валан лим, кој се користи за изградба на меѓудругото и бродови, вагони, мостови, големи резервоари, како и ветерници, на пример. Производите на Макстил се пласираат во над 40 земји, а сегментирано по пазари, земјите од ЕУ учествуваат со 57% од нашиот извоз (пред се Италија, Германија и Хрватска), додека во последните години извезуваме се повеќе во Турција со учество на извозот од 28%. Што се однесува до другите земји од Европа, вклучително и оние од ЦЕФТА, извезуваме повеќе од 9% од производството и за крај, пласираме околу 5% на домашниот пазар.
Во Макстил, предизвиците се чести и комплексни бидејќи сме една од најголемите компании во државата која речиси целосно го извезува својот производ. Голем дел од геополитичките случувања имаат силни, директни и рапидни реперкусии врз нашето работење и се стремиме кон тоа да бидеме подготвени да ги предвидуваме сите кризи со кои што можеме да се соочиме, како и да поставиме квалитетни механизми на митигација на последиците од кризите.

Нашите најголеми предизвици остануваат во делот на транспортот и логистиката, а особено железничкиот транспорт, како и во поглед на потребата за обезбедувањето на соодветна работна сила, а решавање на овие за нас ограничувачки фактори е голем дел и во доменот на државата. Исто така, се соочувме и со проблемот на легислативата во однос на третманот на старото железо, согласно која, заради нашата неусогласеност со европската регулатива, старото железо се уште се третира како отпад, а не како суровина, што за нас дополнително влијае отежително со оглед дека Макстил работи токму на основа на рециклирање на старо железо. Од нашата работа државата има двоен бенефит – голем извоз и намалување на отпадот, односно позитивно влијание врз зачувување на животната средина.

Го имплементиравте  првиот проект за циркуларна економија, а Макстил е и прва компанија што започна со јавно објавување на податоците за емисии во воздухот. Дали можеби „потегнавте нога’’ преку вашиот пример? Што треба дополнително да се направи со оглед на периодот од годината што ни претстои?

-Макстил во целост ги следи и поддржува сите нови трендови за зелената транзиција и е лидер во континуирано спроведување мерки со кои се минимизира влијанието врз животната средина. Покрај примена на енергетски ефикасни технологии, се обидуваме да го позиционираме Макстил како пример во примената на концептот на циркуларна економија.

Во суштина, циркуларната економија ја применуваме веќе 27 години, бидејќи суштината на работењето на компанијата е преработка и повторно додавање на вредност на отпадни суровини. Ние работиме на основа на рециклирање старо железо од кое се произведува челик со додадена вредност. Дополнително, во насока постигнување на нашата цел работа со „нула отпад“ како и промоција на циркуларната економија нашиот нуспроизвод, троската се процесира и наоѓа примена во градежната индустрија, дел од коварината се враќа во производството, а останатиот дел се користи како делумна замена на железна руда во челичарниците кои работат на принцип на производство на челик во високи печки, додека филтерската прашина се користи за понатамошна обработка, односно екстрахирање на цинк и други обоени метали.

Со цел да го затвори кругот на циркуларната економија и да се постигне зададената цел за „нула отпад“, земавме активно учество во европскиот проект CINDERELA, кој има за цел намалување на урбаниот отпад и демонстрирање нов бизнис модел, а со кој се реши прашањето на троската која остануваше како секундарна суровина. Во Макстил денес троската е сертифициран продукт и има третман како агрегат за тампонирање, а во наредниот период ќе биде сертифицирана со уште еден стандард со кој истиот ќе биде агрегат за асфалт. Со тоа ќе се овозможи целосно процесираната троската да се употребува во градежната индустрија, односно за изградба на патишта и за бетонски постројки.

Макстил е исто така и лидер во транспарентноста бидејќи врши редовно мерење и информирање на јавноста за емисиите од производството, кои континуирано се мерат, а мерењата покажуваат неколкукратно пониски вредности од дозволените, што стана пример за другите компании, кои оваа добра практика ја презедоа од нас.

Колку изнесуваат вкупните средства кои ги инвестиравте во производните и технолошките процеси и кои се вашите следни планови?

-Досега инвестирани се преку 120 милиони евра, а само во последните 5 години инвестирани се преку 25 милиони евра за унапредување и осовременување на производните и технолошките процеси преку замена на застарените технологии со нови, со што се постигна зголемување на инсталираниот капацитет, унапредување на стандардите за работа и животна средина како и зголемување на безбедноста при работа за сите вработени. Притоа, безбедноста при работа и континуираното подобрување на работните услови беа еден од нашите приоритет и во овој дел во последните пет години во Макстил беа вложени повеќе од 2 милиони евра, при што десеткратно беа намалени повредите при работа.

Минатата година, на пример беа вложени речиси 3,8 милиони евра за одржување на кондициската спремност на инсталираната опрема и производните линии, и за подобрување на безбедноста при работа. Во текот на оваа година ќе започне и реализација на инвестициски активности со вредност повисока од 7,6 милиони евра.

Имаме и нова инвестициска програма за следните неколку години, во износ од преку 15 милиони евра со која треба да се постигне унапредување на производствените процеси во компанијата, обезбедување на безбедна работна средина и заштита на здравјето на вработените, подобрување на условите за работа и подобрување на квалитетот на производите.

Обучен  кадар е проблем за голем број работодавачи. Често споделувате информации за успешни студенти кои се решаваат кариерата да ја градат во Макстил. Каква е состојбата кај Вас? Дали иселувањето на младите се одразува на вашата работа?

-Недостигот на обучен кадар и иселувањето на младите го цениме како сериозен проблем за многу компании, вклучувајќи го и секако Макстил. Затоа ние преземаме низа мерки за задржување на постојните вработени преку мотивациски програми, следејќи ги трендовите од година во година и потребите на нашите вработени, исто така превземаме мерки за мотивирање, привлекување и задржување на младиот стручен кадар во државата. Макстил вложува многу и во привлекување на младите кадри и промоција на металургијата како индустрија и стручните училишта во државата.

Ние силно веруваме и оттука сме активен поддржувач на потребата од дуално образование и посветуваме големо внимание на подигнување на свеста за важноста на прилагодување на образованието за да одговори на потребата од квалификувана работна сила и примена на иновативнипроцеси којашто води до развој на вештини и отворање нови работни позиции. Токму затоа со низа мерки настојуваме да ги поттикнеме средношколците и студентите изборот за своето образование да го насочат кон техничките науки, пред сѐ поради перспективноста на овие професии и можности за стабилен и линеарен кариерен развој. Имаме соработка со сите средни стручни училишта, во поглед на обавување на пракса во нашата компанија со ментор и менторска програма, стипендии и можности за вработување по завршување на средното стручно училиште. Техничките факултети се исто така дел од нашата програма, а посебно можеме да ја истакнеме соработката со Технолошко Металуршкиот факултет (ТМФ) при УКИМ каде скоро сите студенти од смерот металургија се наши стипендисти, кои што подоцна стануваат наши практиканти и во крајна линија наши вработени. Би ја издвоила проектна активност во соработка со ТМФ каде што заедно професорите од факултетот и нашите искусни и докажани металурзи ќе креираат програми за преквалификација и доквалификација за сите оние коишто сакаат да се вработат во нашата индустрија, а го немаат соодветното образование и квалификации. Исто така, се подготвува двегодишна програма за виш металург по примерот на дуалното образование, каде што праксата ќе ја држат нашите искусни металурзи кај нас во производните погони. Дополнително, во рамките на нашиот долгорочен план за сорботка со ТМФ предвидено е опремување на лабараторија во која студентите ќе можат да изведуваат практична работа.

Макстил е исто така и компанија која постојано води грижа за своите вработени истакнувајќи ги како нејзина најголема вредност и токму затоа важи како посакуван работодавач, кој освен што финансиски ги наградува своите вработени за нивната работа, истовремено со најразлични активности овозможува нивен кариерен развој. Главниот фокус на компанијата е секогаш подобрување на безбедноста за сите вработени. Но исто така, следејќи ја тековната состојба на пазарот на труд, покрај обезбедување приватно здравствено осигурување, направивме нагорна корекција на платите, извршивме исплата на максималниот законски износ на регрес за годишен одмор, а исто така вложуваме и дополнителни средства во привлекување и задржување на човечкиот капитал како што се награди и бонуси за нашите лојални и посветени вработени, божиќнина, подароци за роденден, ваучери за деца на нашите вработени во школска возраст.

Како ја оценувате вкупната економска ситуација во државата во насока на нивото на можности и услови за водење бизнис? 

-Она што е забелешка на бизнис задницата во Македонија во поглед на можностите и условите за водење бизнис е пред сѐ дека има недостиг од доволно едуцирани кадри што е голем предизвик за сите компании. Но, исто така, и проблемите врзани за владеењето на правото и правната држава, корупцијата, непредвидливите законски измени, бирократијата.

Тоа е она на што мора да се работи и да се подобри состојбата, заедно со зголемување на поддршката за домашните компании за да се поттикнат да влезат во нов инвестициски циклус и со тоа да отворат нови работни места и да се спречат иселувањето од земјата.

Потребно е поголемо заедничко делување на бизнис секторот преку коморите, постојана контструктивна размена на мислења и консултации со Владата, не само при носење на нова законска регулатива туку и редовни консултации со цел поддршка при надминувањето на секојдневните предизвици со кои се соочува бизнис заедницата. Сето тоа е во насока на поддршка на компаниите, а преку тоа на економијата во целина и во крајна линија зголемување на благосостојбата на населението.

Редакција Локално

Слични содржини