Интервју со Јовевски: Ќе има нови законски решенија кои ќе ги регулираат работните односи врз основа на реални потреби и состојба, а не по пат на пазар и лицитација

од Vladimir Zorba
78 прегледи

Целосно нов закон за работни односи или поголем нормативен зафат во актуелниот којшто важи во моментов? Според професорот Лазар Јовевски, инаку советник во кабинетот на премиерот, во моментов се прави анализа на целокупната состојба, но и разгледување на претходниот законски текст на кој владата предводена од СДСМ работеше дури 7 години. Како крајно неприфатлив го оценува целиот процес на подготовка на претходниот текст кој иако потрошил премногу време и пари, не резултирал со финална верзија.

„Тој не го виде светлото на денот и не се стави во процедура за да дојде како предлог Закон за работни односи. Сета таа постапка во одредена смисла наликуваше на туризам закон, односно се правеа средби, се одеше низ цела држава, се шетаа комисии и работни групи, меѓутоа за жал, после толку години ништо не се направи конкретно за да дојдеме до финале“, вели Јовевски во интервју за „Локално“.

Според него, новите законски решенија ќе ги имаат предвид потребите и на синдикатите и на работниците, па оттука сите постоечки стравувања се неосновани.

„Заложбата и на Владата и на премиерот и на кабинетот се да се донесат решенија коишто ќе значат нов квалитет во уредувањето на работните односи, но не по пат на лицитации, наддавање и пазарење помеѓу социјалните партнери туку преку анализа, реално согледување на потребите и секако уважување на гледиштата и на работодавачите и на синдикатите“, објаснува Јовевски.

Станува извесно дека после седум години договарања, законот за работни односи на кој што работеше претходната Влада ќе биде “оставен’’ во тој период и дека е можно сосема ново законско решение. Зошто е потребно секогаш да „почнуваме од почеток“?

-Претходната Влада подготвуваше законски текст на кој се работеше 7 години. Тој не го виде светлото на денот и не се стави во процедура за да дојде како предлог Закон за работни односи. Сета таа постапка во одредена смисла наликуваше на туризам закон, односно се правеа средби, се одеше низ цела држава, се шетаа комисии и работни групи, меѓутоа за жал, после толку години ништо не се направи конкретно за да дојдеме до финале. Тоа што новата власт во оваа фаза е подготвена да го направи е добро да ја изанализира целокупната состојба и секако да го види тој текст на закон којшто се подготвуваше. Соодветно по стручна анализа да заземе став дали ќе се оди со целосно ново законско решение како што претходно беше идејата или пак ќе се оди со поголем зафат на измени, дополнување на законот за работни односи. Тој текст којшто се подготвил и стои некаде во некоја фиока на Министерството за труд и социјална политика не го виде денот, но ние ќе се обидеме да го најдеме и да видиме кои се тие детали и кои се тие нови решенија и што се предвидува. На база на анализата која што ќе ја направиме ќе можеме да дадеме финален предлог како Влада и да заземеме став дали ќе одиме со ново или пак со измени на постоечкото законско решение.

Инаку, во текот на подготовка на Законот на одреден начин преку синдикатите бев вклучен да помогнам, но потоа тогашната Влада со Меѓународната организација на трудот превзема свои иницијативи и активности и сега сето тоа ние сега ќе го приспитаме, ќе видиме што е направено а што не, ќе направиме анализа, ќе ја брифираме јавноста и ќе соопштиме став во која насока ќе се движат следните чекори на новата Влада во однос на решенијата коишто се во делот на Законот за работни односи. Премногу време помина и премногу пари се потрошија во однос на овој текст којшто се подготвуваше, а сеуште официјално никој не ја видел финалната верзија. Ако ги прашате вработените во тоа одделение во Министерството за труд и социјална политика, многумина и незнаат како изгледа финалното законско решение.

Во која насока би се движеле новите законски решенија?

-Во оваа фаза не можеме сеуште да зборуваме ниту да прогнозирам во која насока ќе се развиваат работите. Она што можам да обелоденам е дека има некои сосема нови законски решенија на текстот кој што се работеше претходните 6-7 години. Има и некои стари решенија коишто се одржливи и коишто се применливи. Меѓутоа, сето е во контекст на тоа дека некој некогаш нешто работел. Ќе мора убаво да се изанализира од стручен и експертски аспект и потоа да се види што ќе се искористи од старото, а што ќе биде ново. Дали ќе се оди со целосно нов Закон или дали ќе има поголем нормативен зафат во однос на актуелниот закон за работни односи којшто важи во моментов, останува да се види. И работодавачите и синдикатите и експертската јавност се разочарани бидејќи толку време и пари се потрошија, а не се излезе со финална верзија. Ќе се согласите дека тоа е дегутантно.

Вие сте професор по трудово право и познавач на состојбите во оваа област. Каде и во кои сегменти, лично според Вас, треба да се движат новите законски решенија?

-Првично на кое треба да се посвети внимание е потребата од дигитализација на работните места. Новите законски решенија ќе мора да ги следат актуелните состојби пред се во Македонија, но и тоа што не очекува, а тоа е дигитализацијата и вклучувањето на вештачката интелегенција. Новите законски решенија исто така ќе мора да дадат јасна дистинкција помеѓу аспектите кои се однесуваат на штрајкот, во делот на остварување на правото на штрајк, во делот на синдикалното организирање, односно потребно е да стане јасно кои права ги имаат вработените во однос на штрајк, кои права ги имаат во однос на членување или отчленување од синдикатите. Потребно е и редефинирање на правата на одредени категории вработени како што се лица со попреченост, малолетни лица, жени и родители за време на бременост, раѓање и родителство, односно мајчниство кај жените и ситуации кадешто татковците се вклучуваат. Тука треба да бидат актуелни соодветни, современи решенија коишто ќе одговараат како на потребите на новото време, а ќе бидат и во согласност со меѓународните и европските стандарди во овие области. Тука секако дека ќе ги земеме предвид и обврските кои што ги имаме и кон Меѓународната организација на трудот во однос на конвенциите коишто сме ги ратификувале, но и во однос на стандардите на Европската унија коишто значат решавање на прашањата поврзани со одредени категории работници и нивните права во работен однос.

Дали можеме да очекуваме подобри, посеопфатни и поквалитетни законски решенија и колку верувате дека овој пат работите ќе бидат поинакви?

-Апсолутно. Јас тврдам дека без разлика дали ќе има сосема нов Закон или поголем обем на измени и дополнувања на актуелниот закон секако дека новите решенија ќе бидат подобри од веќе постоечките и тоа имајќи ги во предвид и потребите на работниците и синдикатите, но и на работодавачите. Работниот однос е “танго’’ помеѓу главни играчи во бизнис секторот- работодавачите и работниците, а во јавниот сектор тука е и државата како работодавач. Ова мора да биде една трилогија на општо национално ниво, односно мора да се земат предвид интересите на сите страни за тангото да биде убаво за гледање. Законот мора да ги изразува и потребите и состојбите на работодавачите и на синдикатите.

Синдикатите стравуваат дека е можно кратење на работничките права. Колку се тие оправдани, особено ако се имаат предвид актуелните искричења со владата?

-Не треба да се има никакви стравувања бидејќи ги имаат и работодавачите и синдикатите. Штом и двете страни стравуваат тоа е веројатно потврда дека ќе оди во добра насока. Заложбите и на Владата и на премиерот и на кабинетот се да се донесат решенија коишто ќе значат нов квалитет во уредувањето на работните односи, но не по пат на лицитации, наддавање и пазарење помеѓу социјалните партнери туку преку анализа, реално согледување на потребите и секако уважување на гледиштата и на работодавачите и на синдикатите. Ќе ви дадам пример. Не смее да се дозволи состојба на пазарање, на пример доколку Синдикатот бара две години платено породилно отсуство , а работодавачите на пример не се согласуваат тоа да биде повеќе од една година, мора да се знае зошто би биле токму 2 или пак една година. Мора да има анализа, мора да се знае зошто такво законско решение сме донеле, а не се да се сведе на обичен пазар. Дел од претходните решенија во текстот којшто сеуште не го виде светлото на денот, во одредени аспекти наликуваа на пазар, а не на системско решеније до кое е дојдено преку анализа.

К.В.С.

Слични содржини