Тошковски за камерите: Нема кој да ви скине казна – компјутер е

од Nikola Popovski
361 прегледи

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска информираше дека поставувањето на безбедносните камери на улиците и булеварите низ Скопје се прави за да се зголеми безбедноста на граѓаните.

Тој рече дека загрижувачки се бројките на сообраќајните незгоди во земјава и дека не може да се интервенира за укинување и кинење на казните, бидејќи се ќе биде евидентирано.

„Една од главните причини за поставување камери е безбедноста. Бројките на жртви се алармантни. Затоа инсталираме камери, за да спасиме животи, а пред се жртви се млади луѓе.

И уште една причина е што повеќе не можете да повикате никого да ви ја скине казната. Нема каде да се јавите. Компјутер е, треба да се јавите на компјутерот“, рече Тошковски на прес-конференција во Владата, запрашан дали и во иднина ќе има јавувања, ургенции за укинување на прекршоци кои ќе произлезат од безбедносните камери.

За ова да профункционира потребни ќе бидат законски измени, но она што досега е познато е дека во иднина со овие камери ќе се казнува за брзо возење и поминување на црвено, а се прават напори да се казнува и за неносење појаси, лошо и опасно престројување и непрописно паркирање на коловозните ленти.

Во последниот период сме сведоци на се повеќе сообраќајни несреќи, некои за жал и со трагични последици.

Инаку, овој проект имаше своја проба во месец јуни кога за само два часа тестирање на системот биле забележани околу 5.000 сообраќајни прекршоци.

Слични содржини