Министерството за култура не спори да изврши исплата на основната плата на вработените во „Охридско лето“

од Nikola Popovski
9 прегледи

Министерството за култура и туризам, почитувајќи ги кредибилитетот и реномето на НУ „Охридско лето“, а во врска со дописот на Синдикатот на културата на Р Македонија, информира дека Министерството за култура и туризам продолжува да дејствува во насока на почитување на правата од работен однос за вработените во НУ „Охридско лето“, но и да инсистира на законското постапување.

-Институцијата е должна да постапи во врска со последното писмено известување добиено од Министерството за култура и туризам и да достави до Министерството коригирана пресметка на плата за месецот август 2024 г., во која нема да бидат содржани износи што се однесуваат на додаток на плата, без тој да биде претходно законски основан.

Уште еднаш потенцираме дека Министерството за култура и туризам не спори да изврши исплата на основната плата на вработените во „Охридско лето“, стои во соопштението на ресорот.

Претходно од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) одговорија со остра реакција на соопштението од Министерството, обвинувајќи за незаконско одложување на исплатата на платите на вработените во НУ „Охридско лето“ за август 2024 година.

„Министерството ги оневозможува вработените да го остварат своето законско право на плата,“ се наведува во соопштението на СКРМ, додавајќи дека институцијата користи „селективно цитирање на законски одредби“ за да ги оправда своите постапки.

Според СКРМ, министерството свесно избегнало да спомне дека Државниот инспекторат за труд веќе извршил надзор и издало задолжително решение, барајќи од Министерството за култура и туризам и НУ „Охридско лето“ да ја извршат исплатата на платите за месец јуни. „Министерството не ги презема своите обврски и на вработените им остава да ги бара своите права преку судски постапки,“ изјавуваат од Синдикатот.

Слични содржини