Митева: Владата ќе го објави планот за евроинтеграциите кога ќе се создадат услови

од Илинка Илиоска
12 прегледи

Новоназначената владина портпаролка, Марија Митева, на денешната прес-конференција изјави дека „кога ќе се создадат услови,“ јавноста и Собранието ќе бидат целосно информирани за решението за евроинтеграциите кое моментално го подготвува Владата. Според неа, транспарентноста е приоритет, и Владата ќе објави детали за евроинтегративниот пакет и ставот во однос на него веднаш по завршувањето на процесот. „Не станува збор за нешто што ќе се држи во тајност. Посветеноста на Владата во однос на евроинтеграцискиот пат е секогаш отворена пред граѓаните со јасно изразени ставови,“ потенцира Митева.

Нејзината изјава доаѓа по повиците на СДСМ, чиј лидер Венко Филипче денеска повторно повика на затворена седница во Собранието, на која Владата би го претставила планот за евроинтеграциите. Филипче истакна дека премиерот има обврска да ги информира пратениците и граѓаните за евроинтеграциските планови, користејќи ги сите можни механизми за свикување седница доколку е потребно.

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, вчера потврди дека Владата е во фаза на внатрешни разговори за нови решенија во евроинтегративниот процес, кои потенцијално може да вклучуваат уставни измени, но нагласи дека јавноста нема да биде информирана пред претстојните избори во соседна Бугарија.

Слични содржини