Дали минималната плата ќе биде првиот камен на којшто ќе се сопнат синдикатите и бизнисмените на првата седница на Економско социјалниот совет?

од Vladimir Zorba
258 прегледи

Барањата и очекувањата со кои ќе настапат синдикатите и бизнис секторот на првата седница на Економско- социјалниот совет се засега дијаметрално спротиставени особено во делот за   покачување на минималната плата. Синдикалците не отстапуваат од барањето таа да биде 450 евра, бидејќи како што посочуваат, сегашната не ги задоволува ни основните стандарди за преживување.

Свесни се дека на овој начин се отстапува од се уште важечката методологија, односно законот за минимална плата кој предвидува нејзино  усогласување во првиот квартал на секоја наредна календарска година, но овој начин како што велат, не е исплатлив за работниците бидејќи покачувањето на просечната плата и на цените за живот недоволно би ја покачувале минималната плата секоја година за работниците да можат да преживеат.

Иван Пешевски

Иван Пешевски

„Во минатото претходната влада на два пати покрај методологијата додаваше одреден износ за да се задржат работниците во реалниот сектор имајќи предвид дека регионот и поранешните југословенски држави не’ поминаа за  двојно , па дури и за тројно. Една Црна Гора одамна имаше 450 евра минимална плата кога кај нас уште беше едвај 300 евра. Ако ја следиме методологијата, дури следниот март 2025 година можеби би имале нешто прибижно до 400 евра минимална плата. Тоа повторно не е доволно покачување. Доколку и оваа влада смета дека треба да се промени одреден закон за да се покачи минималната плата секако дека како дел од социјалниот дијалог ние  ќе дозволиме такви брзи имени на закон за исплата на минимална плата доколку има вистинска воља да се зголемат платите“, изјави за „Локално“, Иван Пешевски-претседател на СГИП и потпретседател на ССМ за приватниот сектор.

Од друга страна, аргумените на бизнисмените се во сосема друга насока. Според Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на работодавачи, барањето за зголемување на минималната плата во актуелните економски услови нема основа.

Миле Бошков

Миле Бошков

„Да се притиска постојано за минималната плата без да се разговара за одговорностите, односно за продуктивноста на работниците нема економска логика. Не треба да се занеманат ниту последиците од тоа, особено за одредени компании кои имаат голем број на вработени. Тие не можат од утре за следната недела да ги најдат тие покачувања кои вкупно во текот на месецот можат да бидат по 200.000- 300.000 евра, дали по основ на плати или по основ на социјални придонеси. Непознавањето на економијата и популизмот во име на социјален дијалог не ни треба во овој момент, ниту на економијата, ниту пак на државата. Колку и да е квалитетно за испраќање порака со новата Влада, такво нешто во овој момент не ни треба“, категоричен е Бошков.

Од синдикатите пак, одат и понатаму. Потсетуваат дека нивната заложба за минимална плата не била  само таа да расте, туку таа да биде основна пресметковна единица којашто ќе ги води сите плати во државата, како во реалниот, така и во јавниот сектор. Тоа како што вели Пешевски, би значело  коефициентите да се множат по таа плата , а не  доведување  во ситуација да се корегираат платите на вработените и само минималната да расте.

„Притоа, дојде до урамниловка каде што најголем дел од вработените се на минимална плата  и уште поголем дел се помеѓу минималната и просечната плата. Од друга страна, и просечната плата од  околу 40.000 денари не е доволна за живот. Се повеќе вработени заминуваат, тоа е реалноста, дури и работниците од Непал и Бангладеш  ја напуштаа Македонија бидејќи оваа плата е навистина недоволна“, вели Пешевски за „Локално“.

 Свои очекувања од првата седница на економско социјалниот совет  има и Бизнис конфедерацијата на работодавачи која најави дека ќе го постави прашањето на проширување за темите на овој совет. 

„Каде е коментарот од бизнис заедницата во врска со буџетот, предвидувањата на буџетот, неговиот ребаланс и учеството на социјалните партнери? Не смееме да ја заборавиме и енергетиката и обврските коишто ни следат поради климатските промени. Нашите производствени компании од 01.01. 2026 година ќе плаќаат казни затоа што произведуваат од струја произведена во РЕК Битола која се добива исклучиво врз основа на согорување на јаглен“, вели Бошков. 

Според него, на бизнис секторот постојано му се наметнуваат обврски по било кој основ или закон за кои претходно не е ниту разговарнно, ниту пак биле консултирани и тоа секогаш под превезот на стандарди кои треба да се исполнат на патот кон ЕУ.  

К.В.С.

Слични содржини