📸Новиот сопственик на Вардар: Миленко Неделковски не убеди да го преземеме тимот

од Vladimir Zorba
9,2K прегледи

Новиот сопственик на Вардар, Атила Бижен Жалили, во чија сопственост преоѓаат 85 отсто од акциите на клубот, во соопштение до медиумите вели дека Миленко Неделковски дал цврсти аргументи да го купи тимот.

„Задоволство ми е да ја информирам македонската јавност дека од 7 октомври според претходно потпишаниот договор, 85 отсто од акциите на АД ФК Вардар-Скопје се преземени, а со тоа и управувачкиот пакет на компанијата.

Со нашето големо искуство во менаџирање на фудбалски џинови и соработка со десетици познати клубови ширум Европа, ние ќе обезбедиме брза финансиска, организациска и резултатска консолидација на овој најголем спортски бренд во Македонија.

Во изминативе неколку години, како дополнување на бизнисот кој го имаме, нашиот фокус беше да преземеме клуб од Централна Европа или Балканот. Имавме неколку опции пред нас. Но благодарејќи на упорноста и аргументите презентирани од Миленко Неделковски, се одлучивме за најголемиот спортски бренд во Македонија.

Да го направиме Вардар повторно голем“, стои во соопштението на Жалили.

Атила Бижен Жалили е Турчин кој живее во Унгарија, во моментов е генерален директор на „СолСервисис Лтд“, унгарска компанија која се занимава со имплементација на производство на енергија од обновливи извори.

Тој студирал на Универзитетот во Нотингем каде дипломирал за електротехника и електроника во 2010. На истиот универзитет три години подоцна добива и диплома за инжинер за одржливо изградена средина. Образованието го завршува во Истанбул на Билги Универзитетот каде ја добива титулата магистер по бизнис администрација.

Атила Жалили повеќе од десет години е во бизисот со енергија. Од 2013 е во компанијата „СолСервисис Лтд“ каде до 2017 година бил инвестиционен координатор, а од 2020 па до денес е генерален менаџер.

„СолСервисис Лтд“ е компанија која е пионер во развојот на соларни паркови во Унгарија и е лидер на тамошниот пазар во оваа дејност. Најголемите заслуги за развојот на компанијата се препишуваат токму на Атила Жалили.

Слични содржини