Косовскиот премиер Албин Курти во саботата навечер изјави дека „Србија повторно провоцирала, придвижувајќи ги своите војници на околу 50 метри до границата со Косово“, поточно во близина на општина Каменица.
Споделувајќи неколку фотографии на Фејсбук, Курти рече дека српските воени трупи заминале откако забележале дека косовските власти ги снимиле нивните акции.
„Владата на Република Косово инвестираше многу во градење и подобрување на капацитетите на разузнавачките, безбедносните и одбранбените структури, кои се подготвени да спречат каква било закана за територијалниот интегритет и суверенитет на нашата земја“, изјави Курти.
Тој рече дека Србија продолжува да ги крева тензиите со хибридни акции, со цел дестабилизација на регионот, „иако просторот за овие маневри од ден на ден се стеснува“.
Засега нема реакции од Србија за тврдењата на Курти.