Недостасува вредносно усогласување на сметководствената евиденција за лекови и материјали со фактичката состојба, а евидентирањето на приемот и издавањето на лековите од аптека до организационите единици се врши со задоцнување. Исто така, не се внесуваат податоци за вредноста на лековите примени преку донации, што влијае на целосноста на податоците во Билансот на состојба, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија за 2023 година.
Во ревизорскиот извештај истакнато е дека состојби во врска со прием, складирање и издавање на залихи на лекови се утврдени и во Конечниот ревизорски извештај на овластениот државен ревизор за 2021 година, за што пред надлежен орган во тек е постапка.
-И покрај зголемувањето, одобрениот условен надоместок не е доволен за вклучување на сите пациенти кои според медицинските индикации би можеле да ја примаат терапијата, односно одобрените средства се доволни за приклучување на само 24 отсто од пациентите кои примаат терапија во дневна болница, се наведува во извештајот.
Ревизорите препорачуваат дека е потребно Клиниката во координација со Министерството да ја преиспитаат состојбата и изнајдат оптимално решение за начин на постапување со овој апарат во наредниот период како и да се разгледаат можностите за понатамошно одложување на апаратот на начин кој нема да предизвикува дополнителни трошоци на Клиниката.
За случувањата на Онкологија на крајот на септември лани беше формирана и Анкетна комисија во Собранието која требаше да утврди политичка одговорност за скандалот. Пред Анкетната комисија излагање имаа поранешни министри за здравство, актуелни и поранешни директори на Клиниката за онкологија, директори на Фонд за здравство, како и директори на други институции.
За случајот „Онкологија“ минатата година имаше неколку протести кои почнаа масовно, со голем број граѓани кои излегуваа, но со секој нареден протест нивниот број беше сè помал.
Случајот остана да ја бранува јавноста, а за тоа говори и интересот што го предизвика приведувањето осомничени и отворањето истрага од страна на Обвинителството. Осомничени се пет лица – двајца поранешни директори на Клиниката и тројца лекари онколози. Поранешниот медицински директор на Клиниката за онкологија се товари за седум кривични дела злоупотреба на службената положба и измама во службата.