Што знаеме за „розовиот кокаин“ пронајден во крвта на Лијам Пејн?

од Vladimir Zorba
150 прегледи

Медиумите продолжуваат да пишваат за смртта на британскиот музичар Лијам Пејн, кој беше пронајден мртов во хотел во Аргентина на само 31-годишна возраст.

Првите токсиколошки резултати покажале дека починатиот Пејн во крвта имал дрога со потекло од Латинска Америка, додека неговиот близок пријател тврди дека бил чист додека не пристигнал во Аргентина.

Станува збор за т.н „розов кокаин“ кој бил пронајден во крвта на младиот пејач чија смрт го шокираше светот.

Поранешниот член на „One Direction“ во своето тело имал комбинации на неколку видови на дрога, меѓу кои и розев кокаин.

Што е розов кокаин?

Оваа дрога содржи мешавина од различни психоактивни супстанци, како што се кетамин (речиси 95 проценти), МДМА, кокаин, метамфетамин, кофеин, опиоиди и други нови психоактивни супстанции (НПС), а најчесто се наоѓа во форма на прашок во розова боја. Според научните написи, се верува дека оваа дрога, позната и како „туси“ и „спидбол“, првпат била достапна во Латинска Америка во 2018 година, а може да се користи интраназално и орално.

Оваа синтетичка дрога која може да предизвика голем број сериозни и смртоносни ефекти го добила името по својата розова боја која се добива со употреба на прехранбени бои, а најчесто воопшто не содржи кокаин. Неколку состојки во оваа смеса можат сами да предизвикаат сериозни здравствени проблеми, пишува Daily Mail, вклучувајќи срцев и мозочен удар.

Лекарите предупредуваат дека оние кои го користат ризикуваат екстремни халуцинации, срцева слабост и психоза.

Инаку, кокаинот е најчесто консумираната илегална стимулативна дрога во Европа, која минатата година ја користеле околу четири милиони Европејци. Податоците сугерираат дека кокаинот е се повеќе достапен во Европа, со поширока географска и социјална дистрибуција.

Во некои претходни интервјуа, музичарот нагласи дека се борел со зависноста, но неговиот близок пријател тврди дека бил целосно чист кога пристигнал во Аргентина.

Се борел со зависноста

Како што пишува медиумот, Лијам и неговата девојка Кејт Кесиди се преселиле во Мајами, каде што веќе се пријавил кај нов психијатар. Неговата борба со зависноста била главната причина што САД првично му ја одбија визата, па тој го продолжи престојот во Буенос Аирес, но наодите што ќе му овозможат нова виза покажаа дека тој е чист. Поради тоа американската амбасада во Аргентина му ја одобрила визата која требало да ја подигне минатиот петок.

За жал, тој бил опколен и од дилери во Аргентина, што на крајот довело до неговата трагична смрт.

„Лијам многу се трудеше да остане чист, а потоа го опколија и го опседнаа. Се грижат само за парите, не се грижат за неговото здравје“, изјави пријател на Пејн.

Меѓу оние кои го снабдувале со смртоносната опојна дрога биле и вработените во хотелот „Каса Сур“, кои добиле отказ и чекаат кривично гонење, а полицијата се уште работи на случајот.

Се верува дека собарот и уште еден член на персоналот ја сокриле дрогата во кутија за сапун, која инспекторите подоцна ја пронашле во собата на пејачот.

Слични содржини