Италијанскиот тренер на Реал Мадрид, Карло Анчелоти остана смирен и покрај импресивниот кам-бек на неговиот тим против Борусија Дортмунд по паузата.
„Второто полувреме ни покажа што треба да направиме и како да го направиме тоа. Ова може да биде клучен момент од нашата сезона“, прокоментира Италијанецот по мечот.
„На паузата бевме мирни. Го променивме системот и почнавме да играме поинтензивно. Бевме срамежливи во првото полувреме. Тоа беше нашето најдобро второ полувреме во сезоната досега“, додаде тој.
„Можам да кажам дека е ретко да се види играч кој одигра второ полувреме како Вини (Винисиус Жуниор). И не само поради трите гола, туку и поради карактерот. Тој ќе ја освои Златната топка, но не поради тоа што го направи вечерва, туку поради се што стори во минатата сезона. Овие три гола се за „Златната топка“ за сезоната што претстои“, сигурен е Анчелоти.
„Не разговаравме на паузата за тоа како ќе постигнеме три гола, тоа е утопија. Разговаравме за малите детали – како да ги подобриме додавањата, да ги добиеме натпреварите. Да ја вратиме динамиката во натпреварот, така се добиваат натпревари“, сигурен е тренерот.
„Знаеме дека кога играме дома, пред нашите навивачи, се може да се случи“, изјави Винисиус, кој беше прогласен за играч на натпреварот.
„Отидовме на пауза многу мирни и го слушавме тренерот. Си кажавме само едно – ако успееме да го постигнеме првиот гол, можеме да направиме кам-бек. Повторно го направивме тоа, благодарение на навивачите и тимот, кој даде се од себе“, изјави бразилскиот интернационалец.