ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА ЗИМАТА Експертите воздржани во проценките за главните предизвици и проблеми во енергетиката

од Vladimir Zorba
84 прегледи

Во услови кога не може со голема веројатност да се процени сигурноста во напојувањето со електрична енергија во зимскиот период, експертите се главно воздржани во проценките за тоа кои би биле главните предизвици и проблеми во енергетиката што неминовно ќе се наметнат пред потрошувачите, граѓаните и стопанството во целина, во студените денови кои ни претстојат. Во делот на евтината тарифа и ставот на Регулаторната комисија за енергетика, дека нема простор да се продолжи нејзиното времетраење, дел од нив сметаат дека тоа е очекувано и логично.

Професорот Рубин Талески во разговор за „Локално“ меѓудругото објаснува дека подолго времетраење на евтината тарифа во пракса е неизводлива и неразумна можност  а како причини, наведува неколку.

„Во Македонија има околу 800 000 броила што ќе треба да се препрограмираат за друг период на евтина тарифа. Многу побитно е да се одбере периодот (и траењето на) евтината тарифа. Не е воопшто разумно ова да се менува многу често затоа што придобивките можат да бидат и негативни“, објаснува професорот Талески.

Долгорочното решение за „евтината“ тарифа, според него треба да се бара во замена на сите броила (и кај домаќинствата) со броила што регистрираат часовно оптоварување, процес кој може да чини многу, а тоа на крајот ќе го платат потрошувачите.

„Во таа ситуација потрошувачите ќе плаќаат според цена што важи за часот во кој ја трошат електричната енергија (а таа цена би била позната барем еден ден однапред), така што ќе ја прилагодат својата потрошувачка според однапред познатата цена. Во суштина, секој потрошувач ќе има „своја“ евтина тарифа. Каде е проблемот во имплементација на претходната стратегија? Промената на сите броила (со претходно наведената функција) може да чини десетици милиони евра, трошок (што според позитивните законски прописи) ќе треба (на еден или друг начин) да го платат корисниците на дистрибутивната мрежа (потрошувачите). Кога и како ќе се случи тоа треба да одлучи Регулаторот“, потенцира Талески.

Проф. Рубин Талески

Проф. Рубин Талески

Во рацете на Регулаторот е и одлуката за новата цена на електричната нергија која ќе се плаќа од 1 Јануари. Цената, состојбата на енергетските капацитети како и фактот во каква финансиска криза се наоѓа ЕСМ, дополнително го зголемува чувстсвото на несигурност во јавноста. Но субвенциите кои државата ги даваше директно на ЕСМ со цел надминување на проблемите произлезени од енергетската криза и проблемите од пандемијата, според Талески не се долгорочно решение затоа што и тие еден ден некој ќе мора да ги плати.

„Тие субвенции не се долгорочно решение (слични субвенции имаше во многу земји во ЕУ и Европа пошироко) и ние (како потрошувачи) треба да се навикнеме дека електричната енергија има своја цена и ние треба да ја платиме на крајот од денот. Во спротивно, ако тие субвенции не постојат и нема реална цена на електричната енергија што ја плаќаат најголем дел од потрошувачите, системот (во случајот ЕСМ) тешко ќе се справи со финансиските проблеми. На крајот, и да продолжат буџетските субвенции, тие ќе мора еден ден да се платат: прашањето е кој ќе ги плати? Има едно правило што може да се примени тука: трошоците ќе ги платат или потрошувачите (на англиски rate payers) или даночните обврзници (tax payers)! Чувство на несигурност е, за жал, вградено во размислувањата на потрошувачите (особено домаќинствата) дека „некој друг“ (државата) ќе ги решава сите проблеми, без (ние потрошувачите) да се потрудиме да си помогнеме самите на себе: рационално користење на енергијата, вложувања во енергетска ефикасност (инвестиции што, најчесто, се враќаат многу брзо) и сл.“, дециден е Талески.

Согласен е дека децении наназад без епилог останаа укажувањата на експертите од потребата за енергетска стратегија и изградба на нови производствени енергетски капацитети.

„Прво, не сум сигурен дека Владата (сегашната, но и претходните) имале некаква стратегија?! Многу едноставно и не е потребен консензус „за развој“. Доволно е да послушаат експертите. Според сегашниот Закон за енергетика (и според претходните закони), на секои (пет до 10 години) државата треба да изготви Стратегија за развој на енергетиката и, откога таа Стратегија ќе биде усвоена (не сум сигурен, од Собранието или од Владата), Владата треба да изготви програма за спроведување на истата. За жал, колку што мене ми е познато, во последниве 20 до 30 години ниту една од

Програмите (за имплементација) не е спроведена. Веројатно има повеќе причини: „Експертската“ стратегија подразбира значителни инвестициони вложувања, но уште поважно, регулаторна и законска рамка за спроведување на истата, што подразбира посветеност (и способност) на Владата(ите) за спроведување на Програмата … и „Политичка“ стратегија. Да, секоја Влада имала некаква „политичка“ стратегија што, во суштина била дел некаква предизборна кампања или друга форма на „замајување на јавноста“, без било каква основа дека таквата стратегија може да се реализира. Ама, бидејќи „хартијата трпи се“, а медиумските кампањи се „профитабилни“, денес се наоѓаме во ситуација во која сме, објаснува професорот Талески.

Од овие причини вели тој, многу далеку сме од изградба на нова когенеративна или хидроцентрала.

„За да се изгради гасна централа (когенеративна) веројатно се потребни околу 24 месеци (ако се друго е средено!)
За хидроцентрала (ако Чебрен е во прашање) веројатно ќе бидат потребни повеќе години
(откога ќе се избере најповолен понудувач). За жал, после 12 или повеќе тендери за Чебрен тоа не се случило! Во било кој случај, една гасна централа и хидроцентрала нема да ги решат проблемите со кои се соочуваме“, вели Талески.

Обновливите извори на енергија  ќе придонесат за подобрување на енергетската состојба но проблем е што во часовите кога има „сонце“, цената на електричната енергија е ниска (има вишок на производство), а веднаш потоа (во вечерни часови), има недостаток на енергија. 

„Ако системот (нашите електроцентрали) не можат да го следат тој тренд (а не можат) се јавува проблем ‒ се трошат (непотребни) ресурси (хидроенергија) за балансирање. Ако имате „базна енергија“ (за жал, ја немаме доволно), единствено решение е да се користат технологии за складирање на електрична енергија (батерии во овој случај).Проблемот со батериите е тоа што тие сеуште се релативно скапи и, не секогаш, се исплатливи.Според моите сознанија, се поголем број производители (соларни централи) инсталираат или се заинтересирани да инсталираат батерии, но тоа е процес што ќе потрае подолго време“, завршува Талески.

К.В.С.

Слични содржини