Притиснат од некои негови соработници да се извини за расистичките коментари дадени од говорниците на неговиот митинг во Њујорк во текот на викендот, поранешниот американски претседател Доналд Трамп во вторникот го зазеде спротивниот пристап, велејќи дека е чест да се учествува на, како што рече, „фестивалот на љубовта“ – опис што го користеше и за немирите на 6 јануари 2020 година во Капитол.
Трамп собра приврзаници и новинари во неговото одморалиште Мар-а-Лаго два дена по големиот митинг во Медисон Сквер Гарден на кој се слушнаа бројни вулгарности изговорени од различни говорници, вклучувајќи го и комичарот Тони Хинчклиф, кој за време на своето обраќање рече дека Порторико е „пловечки остров на ѓубре“, пренесува Ројтерс.
Некои од главните републикански сојузници на Трамп ги осудија коментарите, а неговата кампања зеде ретка мерка на јавно дистанцирање од навредата на Хинчклиф, но не и од другите вулгарни коментари.
Кога доби можност да се извини за вулгарните и расистички пораки испратени од митингот во Њујорк, Трамп рече дека „никогаш немало толку прекрасен настан“ како неговиот неделен митинг во неговиот роден град Њујорк.