Скопје и Софија ги договориле техничките параметри на железничкиот Коридор 8

од Nikola Popovski
221 прегледи

Бугарија и С.Македонија постигнаа договор за техничките параметри за изградбата на железничката пруга на Коридорот 8, соопшти синоќа бугарското Министерство за транспорт, пренесуваат бугарските медиуми.

Од тамошниот ресор прецизирале дека на работна средба во Софија, претставниците на двете земји се договориле прекуграничниот тунел „Деве Баир“ да биде поцелисходно да го гради еден изведувач.

Според соопштението, поддршка за одлуката има и од претставници на Европската инвестициска банка, како и на Европската банка за обнова и развој, како и подготвеност за помош во подготовката и спроведувањето на тендерската постапка.

-Која од страните ќе ја спроведе јавната набавка за изведувачот на тунелскиот објект, ќе се одлучи во следните разговори со потенцијалните финансиски институции, информираа бугарските медиуми.

Како „најголем проект во историјата на Македонија“, министерот за транспорт Александар Николоски, пред неколку дена на својот Фејсбук-профил ја дефинираше изградбата на автопатската делница Гостивар-Букојчани, дел на Коридорот 8.

С.Македонија и Бугарија ја потврдија својата посветеност за продолжување на изградбата на  железничкиот Коридор 8,  соопшти Генералниот директорат на Европската комисија за соседски прашања и преговори за проширување на 17-ти октомври за првата средба меѓу претставниците на двете земји. Иако исходот од средбата беше оценет како „одличен“, според соопштението на македонското Министерство за транспорт по состанокот, проблем останува трасата во тунелот и  високата цена на проектот.

Изградбата на Коридорот 8 претходно го доби епитетот „неизвесно“, откако од македонската Влада изразија скептицизам околу можноста за реализација на дел од него. Образложението беше дека планираната трета делница од пругата кон Бугарија, Крива Паланка – Деве Баир, „завршува на половина тунел, во слепа улица“.

Од Софија пак уверуваа дека работат на проектот и оти тој е вклучен за реализација во тековниот програмски период на Програмата „Транспортно поврзување“ 2021-2027 и дека треба да биде завршен до 2030 година. Од бугарското Министерство за транспорт посочија дека „во моментов приоритетно се разработуваат проектите за делот од станицата Гуешево до влезот на трансграничниот тунел Деве Баир“.

Слични содржини