Од ВЛЕН му порачаа на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, наместо да ги храбри уплашените поранешни функционери со лажни барања за предвремени парламентарни избори нека се посвети на внатрешни кадровски и програмски реформи. Посочуваат дека со оваа блеферска реторика ДУИ потврди дека барањето за предвремени парламентарни избори служи само за да се прикрие стравот од правосудна одговорност за криминалот.
„ДУИ се движи кон неизбежен политички крах на претстојните локални избори, избирајќи да настапи со корумпираното и компромитирано раководство кое е олицетворение на злоупотреба и лични интереси. Со лица како Садула Дураку, Талат Џафери, Муса Џафери, Пуцко Петрол и Блерим Беџети, кои се длабоко вмешани во сомнителни зделки и афери, а дел од нив се и на црната листа на САД, ДУИ ја покажува својата целосна ароганција, отсутност од реалноста, но пред сè безобразност пред граѓаните“, соопштуваат од ВЛЕН.
„Сепак, ако навистина сака предвремени парламентарни избори, прво нека депонира писмена гаранција дека кога ќе загуби ќе си замине од политиката, за да не трошиме народни пари за проблемите на Ахмети и Села да спречат распаѓање на нивниот таканаречен фронт“, потенцираат од ВЛЕН.
Интегративците се реформираа со заминувањето на Изет „Мегавин“ Меџити, добро е да има избори за да се запре понижувањето на Албанците, велат од ДУИ. Ги повикаа ВЛЕН да не се плашат и да ги измерат силите на предвремени избори.
„Тие што треба да сносат одговорност се во Владата, вие ги имате на вашата десна страна, а од криминалци ги „реформиравте“ во џентлмени. Сите тие во месец мај јавно ветија дека доколку изгубат со еден глас помалку ќе поднесат оставки од своите партии, но не го одржаа зборот. Истите, ветија дека ако не се смени Уставот за 6 месеци, ќе си заминат од Владата, повторно излажаа“, соопштуваат од ДУИ.
Меѓусебни обвинувања за криминали, но и за реформирање во сопствените редови од ВЛЕН и ДУИ доаѓаат откако премиерот Христијан Мицкоски ја фрли ракавицата за предвремени избори и им порача на интегративците да се подготват за одговорност, а избори ќе има кога ќе дојде време