ВМРО-ДПМНЕ е против укинување ДДВ на храната само затоа што е предлог на СДСМ, велат од партијата на Филипче

од Nikola Popovski
26 прегледи

СДСМ тврди дека ВМРО ДПМНЕ само поради инает го одбива нивниот предлог за нула% ДДВ за основните прехранбени производи. Од најголемата опозиициска партија посочуваат дека предлог-законот ќе донесе намалување на цените на храната на над 250 категории производи што значи заштеда за граѓаните и до 2.000 денари месечно.

СДСМ смета дека мерката е реална и лесно остварлива и ќе има вистински ефект за намалување, а малопродажните цени на прехранбените производи и намалување на вредноста на потрошувачката кошница.

-Нема ниту еден аргумент ВМРО-ДПМНЕ зошто е против оваа мерка, против ова законско решение. Против е само затоа што е поднесена од СДСМ, потенцираат од „Бихаќка“.

Освен измените и дополнувањата за овој закон, СДСМ најави дека повторно ќе го поднесе и Законот за зголемување на минималната плата на 450 евра што беше одбиен од владината коалиција со образложение дека нема фискални импликации.

Претходно од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека нема да поддржат предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност. Сметаат дека продолжува дневно политичко препукување со економски теми од истите луѓе коишто ја донесоа Македонија во ваква девастирана економска состојба.

-Да ја потсетам јавноста, го покачија ДДВ на над 2000 прехранбени производи од 5 на 10 отсто и ни делеа нутриционистички совети дека голем дел од таа прехрана не била здрава, па затоа се покачува данокот. Дополнително, кажа една лага. Апсолутно нема врска со вистината дека потрошувачката кошничка се намалила само за 57 денари. Да ги слушаа синдикатите и да имаа посериозна комуникација со нив, ќе знаеја дека тоа не е вистина, бидејќи цената за храната за 30 дена се намали за 965 денари, рече пратеникот Бојан Стојановски.

На 31 октомври заврши есенската потрошувачка кошничка со која со одлука на Владата беше ограничената профитната маржа на 73 основни прехранбени производи. Од Владата најавија дека доколку повторно има зголемување на цените на прехранбените производи, ќе бидат преземени поригорозни казни.

Во наредниот период се најавуваат и новогодишна, божиќна, рамазанска, велигденска кошничка со ограничено времетраење од 15 до 30 дена. Дополнително намалување на цените се очекува со стапувањето на сила на Законот за нефер трговски практики.

Слични содржини