Илон Маск и поранешниот републикански претседателски кандидат Вивек Рамсвами добија мандат од Доналд Трамп да раководат со целосно нов оддел – т.н. Одделение за ефикасност. Избран е и министер за одбрана, а тоа е американскиот воен ветеран и водител на вести на телевизијата „Фокс“ Пит Хегсет.
Во оваа прилика, се огласи Трамп на социјалната мрежа „Х“.
„Заедно, овие двајца прекрасни Американци ќе го отворат патот за мојата администрација конечно да ја разбие владината бирократија, да ги намали непотребните регулативи, непотребните трошоци и да ги преструктуира федералните агенции“, порача Трамп.
И Маск го потврди истото и веднаш почна да објавува објави поврзани со неговата нова должност.
— Elon Musk (@elonmusk) November 13, 2024
Вивек Рамсвами исто така се огласи кратко и истакна дека како и Маск, и тој „нема да биде мек“.
За потсетување, тој беше противник на Доналд Трамп во борбата за републиканската претседателска номинација, но по поразот стана еден од неговите најгласни поддржувачи.
We will not go gently, @elonmusk. 🇺🇸 https://t.co/sbVka2vTiW
— Vivek Ramaswamy (@VivekGRamaswamy) November 13, 2024
Според Би-Би-Си, Елон Маск и Вивек Рамсвами добиле овластување да спроведат големи промени во владините трошоци.
Не е јасно точно каква форма ќе има новиот оддел, но се чини дека е надвор од формалните владини структури.
„Тоа потенцијално ќе стане „проект Менхетен“ на нашето време“, рече Трамп, мислејќи на американската програма за развој на првата атомска бомба.
Новоизбраниот американски претседател му дал и рок на новиот оддел – тој вели дека имаат период до Денот на независноста, 4 јули 2026 година, да ја завршат работата.
Маск веќе објави серија твитови на „X“, а меѓу другото напиша дека „луѓето немаат поим колку работи ќе се променат“.
Назначувањето на Хегсет е едно од најочекуваните
Пит Хегсет, американски воен ветеран ќе биде новиот министер за одбрана на САД, одлучи Доналд Трамп.
Како што пишува Би-Би-Си, назначувањето на Хегсет е едно од најочекуваните, во време кога беснеат војните во Украина и Газа. Името на Хегсет е големо изненадување.
„Пит е тврд, паметен и навистина ја става Америка на прво место. Со Пит на чело, непријателите на Америка треба да внимаваат – нашата војска повторно ќе биде одлична. Америка никогаш нема да отстапи“, заклучил Трамп во соопштението.
Ги критикуваше сојузниците на НАТО
Иако Хегсет во минатото артикулираше само ограничени политички позиции, тој ги критикуваше сојузниците на НАТО за слабост и рече дека Кина е на работ да доминира со своите соседи. Хегсет истакна дека ја напуштил армијата во 2021 година, откако армијата го игнорирала поради неговите политички и религиозни ставови.
„Чувството беше взаемно – ниту јас повеќе не ја сакав оваа војска“, вели Хегсет во својата книга „Војна против воините: зад предавството на луѓето кои нè чуваат слободни“. Веќе постои загриженост во Пентагон дека Трамп има намера да исфрли воени офицери и функционери од кариера кои тој ги смета за нелојални.
Трамп рече и дека го избрал поранешниот директор на Националното разузнавање Џон Ретклиф за директор на Централната разузнавачка агенција (ЦИА).
Џон Ли Ретклиф е американски политичар и адвокат кој е вршител на должноста директор на Националното разузнавање (ДНИ) од 2020 до 2021 година. Пред тоа, од 2015 до 2020 година, тој беше конгресмен кој го претставуваше четвртиот конгресен округ на Тексас.