Поранешниот амбасадор на Косово во Македонија, Илбер Хиса смета дека косовскиот премиер Албин Курти бил добар домаќин на колегата Христијан Мицкоски и дека се обидел да ја деградира опозициската ДУИ.
Коментирајќи ја средбата меѓу Владата на Косово и Владата на Македонија, Хиса рече дека таа не била „плодна“ и дека се случила во интерес на „актерите“, а не на граѓаните.
„Средбите меѓу соседите се секогаш добредојдени и корисни. Ако се погледне во поширок контекст, гледаме дека оваа средба се случи поради интересите на актерите, а не поради интересите на граѓаните на двете земји. Оваа средба се одвиваше во интересен календар, во пресрет на изборите. Од друга страна, самата средба не вроди со многу, бидејќи беа потпишани два договори и протокол. Еден од договорите беше претходно подготвен од Талат Џафери како поранешен премиер на 22 декември 2023 година. Курти тогаш одби да се сретне со Џафери. Енергетскиот договор треба да се гледа како нешто што има претходни корени бидејќи Македонија отсекогаш била заинтересирана за косовскиот јаглен“, рекол тој.
Хиса додал дека не е сигурен оти Косово има корист од тој договор во областа на енергетиката.