Агелер откри новости за црната листа на САД со македонски државјани

од Nikola Popovski
1,2K прегледи

Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер информира дека црната листа на САД со македонски државјани е многу динамична и дека постојано се дискутира и се разгледуваат нови имиња. Сепак рече дека нема рок кога ќе бидат објавени.

-Тоа е одлука на Вашингтон, но можам да ве убедам дека додека зборуваме овде, одреден број на имиња се разгледуваат. Ние во секое време работиме на нови имиња и правовремено ќе ги дознаете, кажа денеска Агелер во рамки на Конференцијата за борба против корупцијата во Западен Балкан.

Досега на оваа листа се најдоа бројни имиња на политичари и бизнисмени од земјата и нивните семејства. Стејт Департментот во март годинава ги стави на црна листа градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски и екс-специјалната обвинителка, Катица Јанева, како и нивните семејства, на кои им е забранет влез во САД.

Минатата година, на црната листа беа ставени и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, Кочо Анѓушев, Сергеј Самсоненко, Орце Камчев, Ратка Камчева, Сашо Мијалков и Никола Груевски.

Американскиот тим за санкции утврди корупција таму каде што македонскиот правосуден систем со години не ја гледа. Тим дипломати во 2022 година ја посети земјава за, како што тогаш изјави Агелер, да изврши увид со поагресивен поглед врз минатите и сегашните корумпирани актери во општеството. Тој тим веќе во јули истата година му предложи на Стејт Департментот да им забрани влез во САД на најмалку десетина македонски моќници, затоа што заклучи дека со корупција и наштетуваат на демократијата.

Слични содржини