Премиерот Виктор Орбан во петокот рече дека ќе го покани израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја посети Унгарија, додавајќи дека ќе гарантира дека налогот за апсење на Меѓународниот кривичен суд (МКС) против Нетанјаху „нема да се почитува“.
Во четвртокот, МКС издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, Јоав Галант, како и водачот на Хамас, Ибрахим Ал-Масри, за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото во конфликтот во Газа.
Виктор Орбан, чија земја претседава со Европската унија, изјави за тамошното државно радио дека налогот за апсење на МКС е „погрешен“ и додаде дека израелскиот лидер ќе може да води преговори во Унгарија „со соодветно обезбедување“.
Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг во четвртокот објави налози за апсење на Нетанјаху, Галант и Ал-Масри, врз основа на барањето од мај на главниот обвинител Карим Кан.
Борел: Налозите не се политички
Во својата одлука, судиите на МКС соопштија дека има разумни основи да се верува дека Нетанјаху и Галант сносат „кривична одговорност“ за убиства и прогон како злосторства против човештвото, како и за злосторството на гладување како метод на војување и други нехумани дејствија како дел од „широки и систематски напади врз цивилното население во Газа“.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел истакна дека налозите за апсење на МКС не се политички и дека одлуката на судот треба да се почитува и спроведе.
Членките на Европската Унија кои досега се изјаснија најмногу ја поддржаа одлуката на МКС и порачаа дека таа треба да се почитува и спроведе.
Австрија: Налогот е неразбирлив и смешен
Портпаролот на француското Министерство за надворешни работи, Кристоф Лемоан рече дека реакцијата на Франција на налозите ќе биде „во согласност со статутот на МКС“, но на прашањето дали Франција ќе го уапси израелскиот лидер доколку тој стапне на француска територија, портпаролот само рече дека „правно комплицирано прашање“.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани појасни дека Рим ќе разговара со сојузниците како да ја протолкува одлуката и да дејствува заедно. „Го поддржуваме МКС…Судот мора да игра правна, а не политичка улога“, додаде тој.
Австрискиот министер за надворешни работи, Александар Шаленберг го опиша налогот за апсење како „неразбирлив и смешен“, но неговиот кабинет исто така објави дека Австрија, како страна на Римскиот статут, е должна да ги спроведе налозите за апсење на МКС.
Израелскиот премиер го смени Галант претходно овој месец.