Скопје денес ќе добие шест еко-автобуси од ЕУ

од Nikola Popovski
29 прегледи

ЈСП Скопје денеска ќе добие шест нови еколошки автобуси, донација од Европската унија. Возилата се донираат во рамките на програмата ЕУ за чист воздух финансиран од Унијата, а со неа ќе бидат опфатени и Битола, Куманово и Тетово. Автобусите работат на компримиран природен гас и го исполнуваат стандардот Eур-6.

Ова претставува значаен чекор во подигнување на свеста за јаглеродниот отпечаток и обезбедување одржлива урбана мобилност. Засилениот возен парк на ЈСП е исто така во согласност со зелениот договор на ЕУ и стандардите за квалитет на воздухот низ Европската унија, кои имаат за цел да го сведат загадувањето на нула до 2050-та година и да помогнат во спречување на предвремени смртни случаи поради загадениот воздух.

На примопредавањето во дирекцијата на ЈСП во скопска Автокоманда, ќе присуствуваат министерот Изет Меџити, евроамбасадорот Михалис Рокас и градоначалничката Данела Арсовска.

Секој автобус е со капацитет од 98 патници (69 стоење + 29 седишта), вклучувајќи и за лицата со попреченост, со што дополнително се подобрува нивниот пристап до основните услуги и се обезбедуваат можности за пристапен јавен превоз и безбедна урбана мобилност.

Како што информира советничката во Град Скопје, Ирина Витина, шесте еколошки автобуси се резултат на проектот на кој Град Скопје аплицираше до ЕУ, на кој веќе 2 години активно работи секторот за меѓународна соработка а го набавката ја реализира УНОПС. Со овој проект преку поддршката на ЕУ за Град Скопје се обезбедени шест еколошки CNG автобуси, се подигаат урбани зелени појаси со над 3000 дрвја, меѓу кои и во Мега паркот во Карпош каде наскоро ќе се засадат нови 1.000 дрвја, а дополнително се изработува Физибилити студија за проширување на тополоводната мрежа во Скопје.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски информира дека планираните нови електрични автобуси кои ги најави пред неколку ден, ќе бидат до 120 на број. Според него, нема да бидат наменети само за Градот Скопје, туку и за другите општини низ Македонија кои имаат организиран јавен градски превоз.

-Ако набавиме 120, тоа ќе биде пропорција 70-50 или 80-40. Станува збор за еколошки автобуси со 50 полначи и сета арматура. Времетраењето на полнењето ќе биде околу 2,5 часа и дневно со едно полнење ќе се поминат 350 до 400 километри. Сметам дека штом ќе се појават на улиците ширум градовите, ќе се намали и загадувањето и ќе значи добар имиџ за нас како држава. Тоа ќе биде по конкурентни цени, рече Мицкоски при поставување на камен темелник за изградба на детска градинка во рамките на постојната ЈДГ ,,8 Март” во Општина Кисела Вода.

Премиерот информира дека автобусите ќе се набавуваат преку тендер. Владата ги дефинира условите и како што вели, го скенираат пазарот.

Кон крајот на минатиот месец, поранешниот директор на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, истакна дека добра вест е оти тоа што е постаро од белградските автобуси „Соларис“ се очекува да биде донирано во Скопје. Воедно, најави дека нови шест автобуси од BMC со мотиви од Град Скопје ќе добие и јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ за празникот „13 Ноември“, благодaрение на UNOB (United Nation office in Belgrade).

Слични содржини