Павел: Конфликтите во Украина, Сахел и Блискиот Исток се закануваат да се разгорат и да ги преминат границите на регионот

од Vladimir Zorba
15 прегледи

Претседателот на Чешката Република Петр Павел предупреди денеска на годишниот состанок на чешкиот Генералштаб во Прага дека конфликтите во Украина, Сахел и Блискиот Исток се закануваат да разгорат, па да ги преминат границите на регионалните конфликти.

„Сите овие конфликти се закануваат дополнително да се разгорат и да ги преминат границите на регионот“, рече Павел во видео обраќањето и потсети дека ситуацијата околу Тајван е исто така загрижувачка во моментот кога се случуваат промени во администрацијата на САД, Европската унија или Германија.

„Промените што се случуваат по изборите во Соединетите Американски Држави (САД) несомнено ќе доведат до промена на пристапот не само кон Русија, кон конфликтот во Украина, туку и кон НАТО и Европската унија. Сè поважно е да имаме свои капацитети за одбрана“, рече чешкиот претседател.

Тој, исто така, предупреди дека Чешка досега се потпираше пред се на НАТО и принципот на колективна одбрана, кој успешно функционира во изминатите 25 години, но дека сега е време да се зголеми одговорноста на поединечните земји-членки, кои не треба само да одвојуваат за одбрана онолку колку што им ветиле на другите сојузници, туку онолку колку што навистина им е потребно на нивните армии.

„Чешка мора да изгради не само способна, подготвена и будна армија, туку и економија која ќе биде доволно отпорна, а мора да го подготви и општеството, бидејќи безбедноста е услов за нашиот развој и стабилност. Ова не е страв од војна, тоа е едноставно неопходна реакција на светот во кој живееме“, рече Павел.

Чешката министерка за одбрана Јана Чернохова и началникот на Генералштабот на чешката армија, Карел Режека денеска апелираа до Чесите да разберат дека одговорноста за одбраната на земјата не е само на армијата, туку и на нејзиниот народ.

„Годините на мир одамна поминаа. Ако сакаме да живееме во мир во иднина, не можеме да ја напуштиме Украина. Безбедноста на Чешка и Европа е поврзана со исходот од таа војна. Нашата клучна цел е Украина да биде во состојба да се одбрани. Со своја крв, Украинците ни купуваат драгоцено време“, рече Чернохова.

Слични содржини