Утрово, според податоците на платформата за следење на квалитетот на воздухот IQAir, воздухот во Скопје е загаден со високи концентрации на ПМ 2,5 честички и според индексот на квалитет на воздухот го рангира на петтото место на најзагадени градови во светот.
Воздухот е оценет како нездрав за сите категории на луѓе, бидејќи индексот на загаденост изнесува високи 173. Пред Скопје во светски рамки се само Сараево, Лахоре, Делхи и Кувајт Сити.
Според листата, скопјани го дишат вториот најзагаден воздух во Европа.
За големата загаденост на воздухот, веќе неколку пати вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити рече дека е од затоплувањето на домовите, но и од урбаниот транспорт.
Во 2021 година над 5.480 доенчиња во 23 земји и територии низ Европа и Централна Азија починале од причини поврзани со аерозагадувањето. Во Македонија, смртните случаи на новороденчиња поврзани со загадениот воздух сочинуваат 11,6 отсто или 1 од 9 смртни случаи на деца на возраст до една година, информираат од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.
-Во февруари 2024 година, Скопје повторно се најде меѓу првите 10 најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината. Според новите податоци, освен што претставува сериозна причина за смрт кај новороденчињата, загадувањето на воздухот ни одзема повеќе здрави години од животот во споредба со кој било друг поединечен еколошки фактор, како што се високите температури, нечистата вода и лошите санитарни услови, се вели во соопштението од Канцеларијата на УНИЦЕФ кое беше објавено пред три месеци.