Владата ќе помогне во секој момент и колку што може, рече Митева за горивото за ЈСП

од Nikola Popovski
289 прегледи

Многу пати досега зборувавме за состојбите кои се случуваат во Градот Скопје и за менаџментот кој што таму не успева да ги менаџира работите, порачаа утрово од „Илинденска бр.2“ запрашани дали ако ЈСП Скопје повторно остане без гориво за автобусите, Владата повторно ќе донира од државните резерви.

Како што истакна портпаролката на Владата, Марија Митева, многу време пред да се случи состојбата со ЈСП, од Владата имале состанок со градоначалничката Данела Арсовска која тогаш ја информирала централната власт дека ситуацијата е одлична и дека ќе се справи со неа.

-Дојдовме до степен каде што имавме ваков застој. Се надеваме како Влада по завршување на набавката дека нема да се случи ваква состојба. Како Влада ќе помагаме во секој момент и онолку колку што можеме, кажа Митева на денешната прес-конференција во Владата.

Горивото се троши, а ЈСП сè уште се покрива од државните резерви. Арсовска вели дека постапката за јавната набавка на гориво е во тек, но, ако нема пријавени, повторно ќе се интервенира од резервите. Власта тврди дека веќе се разгледуваат можностите за набавка на 100 до 120 електрични автобуси. Тендерот треба да биде распишан до крајот на годинава.

-Ако јас сум кума на хаосот, ти си гробарот на јавниот превоз, вака му се обрати преку писмено соопштение скопската градоначалничка на премиерот Христијан Мицкоски откако вчера од неговата партија таа ја доби квалификацијата „кума на хаосот со јавниот превоз во Скопје“. Нарекувајќи ја самопрогласена реформаторка на јавниот превоз, од ВМРО-ДПМНЕ вчера обвинија дека градоначалничката го довела Скопје на раб на колапс.

Хаосот со јавниот градски превоз со месеци го мачи Скопје и повод за кавги меѓу Арсовска и советниците. Градоначалничката потврди дека не планира да бара нов мандат.

Слични содржини