СРЕДЕ ОКЕАН: Колумбиската полиција заплени најголемо количество кокаин во историјата

од Vladimir Zorba
154 прегледи

Во операцијата наречена „Орион“, колумбиските власти заплениле 225 тони кокаин во последните шест недели. Тоа е рекордна количина на дрога
која е запленета во една акција. Полицијата пронашла дел од кокаинот во подморница која ја користела новата рута за Австралија. Дилери
користеле шест подморници и освен кокаин, транспортирале и повеќе од 1.000 тони марихуана, пишува „Гардијан“.

Во „Орион“ учествувале 62 земји. Оваа акција сериозно ги потресе нарко картелите кои годишно произведуваат 2.700 тони кокаин, а најголемата колумбиска заплена во една година е 671 тон во 2022 година.

– Оваа заплена спречи илјадници предозирања, а картелите загубија 8,5 милијарди долари – изјави капетанот Мануел Родригез, командант на единицата за борба против наркотици на колумбиската морнарица.

Полицијата на дело фати 400 наркодилери, оружје и мигранти. Колумбиската полиција доби помош од органите на редот од САД, ЕУ и Австралија.

– Сите држави кои учествуваа во акцијата заедно подготвија авиони, хеликоптери, бродови и споделуваа информации меѓу себе – рече Родригез.

Најголемиот пробив во операцијата се случил кога морнарицата пресретна шест подморници за дрога кои беа на пат кон Австралија.

Нарко-подморниците се долги меѓу 10 и 25 метри. Тие всушност не можат да нуркаат, но се многу блиску до површината на водата, така што тешко се забележуваат од далеку. Најчесто превезуваат десет тони кокаин.

Полицијата откри една таква подморница во средината на Тихиот Океан помеѓу Јужна Америка и Австралија, на околу 2.000 километри западно од францускиот атол Клипертон. Во подморницата имало пет дилери.

– Нашите сили пловеа преку брегот со мали чамци и таму чекаа неколку недели пред да се појават нарко-подморниците – ја објасни акцијата Родригез.

– Ова е нова рута за картелите. Подморницата ја најдовме сред Тихиот океан на околу пет илјади километри западно од Колумбија – изјави капетанот Родригез и додаде дека картелите вообичаено испраќаат меѓу 5 и 50 килограми кокаин преку товарни бродови.

– Не се осмелуваат да сокријат многу дрога во танкери и товарни бродови, па ги користат своите подморници. Ова е нова рута за нив бидејќи никогаш не сме ги запреле подморниците кои одат директно од Колумбија до Австралија – објасни Родригез.

Зголемената побарувачка за кокаин во Австралија ја отежна работата на полицијата, а високите цени што луѓето се подготвени да ги платат ги поттикнаа картелите да измислуваат нови начини за испорака на дрога.

– Картелите ги модернизираа тие полуподморници и им го зголемија опсегот и капацитетот – изјави капетанот Мануел Родригез и додаде дека килограм кокаин во Австралија чини 240.000 американски долари, што е речиси шест пати поскапо од цената во САД.

Оваа голема заплена ја охрабри колумбиската полиција, која веќе неколку децении се бори со картелите.

– Сега им докажавме на картелите, но и на самите себе дека сме способни да ставиме крај на ова зло – изјави Мануел Родригез.

Полицијата се надева дека и вештачката интелигенција ќе им помогне во идните рации.

– Вештачката интелигенција многу ќе ни помогне во откривањето на контејнери и бродови во кои се крие дрогата, бидејќи секој ден милиони контејнери се движат низ светот и едноставно е невозможно да се провери секој – заклучи Родригез.

Слични содржини