Предупредување на германските власти: „Русија има најголем интерес да влијае на исходот од изборите“

од Vladimir Zorba
28 прегледи

Германската федерална канцеларија за заштита на уставниот поредок во петокот предупреди за можното влијание на странските тајни служби врз текот на предвремените парламентарни избори, кои ќе се одржат во февруари следната година.

„Мораме да сметаме на кампањи за дезинформација против индивидуални политичари, сајбер напади, како и шпионажа и саботажа“, се вели во анализата на заканите на Федералната канцеларија за заштита на уставниот поредок (BfV), објавена во петокот.

Оваа канцеларија, како внатрешна тајна служба, особено укажува на опасноста што доаѓа од Русија.

„Ако ја земеме предвид руската агресија врз Украина, мора да тргнеме од претпоставката дека Русија има најголем интерес да влијае на исходот од изборите во Германија“, се вели во анализата на BfV.

Понатаму се наведува дека Русија долго време води „информативна војна“ со ширење на проруски и антизападни наративи.

„Главната цел е да се подели германското општество со цел да се намали јавната поддршка за Украина“, велат од германската тајна служба.

Се споменува можноста за „поддршка на поединечни кандидати или партии“ кои агитираат во корист на Русија, како и истовремено дискредитирање на кандидати и партии со проукраински позиции.

Сеење сомнеж за изборниот исход е исто така дел од инструментите за влевање на неизвесност и поделеност.

Меѓу партиите кои шират проруски наративи во Германија се екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) и новооснованата левичарско-конзервативна алијанса Sahra Wagenknecht.

По падот на сојузната влада, на крајот на февруари во Германија ќе се одржат предвремени парламентарни избори.

Според досегашните резултати од анкетите на јавното мислење, на изборите за Бундестагот најверојатно ќе победи опозициската Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ.

Слични содржини