ВМРО-ДПМНЕ денеска преку изјава за медиумите порача дека се разочарани од фактот што, како што велат, „6 месеци нема ниту едно покренато обвинение за ниту еден случај на сериозен криминал и корупција за репрезенти од СДСМ и ДУИ кои со години ги ограбуваа институциите“. Прстот го вперуваат во ОЈО и републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Сметаат дека ЈО на чело со Коцевски наместо да го санкционира криминалот, функционира како негов чадор.
Според пратеникот Бране Петрушевски, Коцевски е целосно одговорен за неработата на обвинителите под него.
-Само тој и обвинителите бирани во Струмица и Зајас може да не постапуваат по наводите за криминал во РЕК Битола, ЕСМ, МЕПСО, ТЕЦ Неготино, Државна Лотарија, ЈПДП, Министерството за здравство и другите институции за кои дури и медиумите изнесоа голем број сознанија за милионски криминали.
Само Љупчо Коцевски и обвинителите бирани во Струмица и Зајас не гледаат криминал во Онкологија, набавките на мазут, јаглен и гас, нивите купувани долж трасата за автопатот Скопје – Блаце, порача Петрушевски во изјава за медиумите.
Премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати коментира дека „поединци од голтари станаа милионери, а обвинители кога треба да потпишат налози за апсења или истраги добиваат грозница и анксиозност“. Тој уверува дека правда ќе има, но од тоа нема да се прави јавен театар. Според него, довербата во правосудството која е 2-3 проценти е резултат на избор на судии и обвинители од тефтери на претходната власт.
Без да открива детали, Мицкоски најави дека од понеделник стартува акција за сузбивање на криминалот и корупцијата во правосудната фела, а судии и обвинители ќе треба да одговараат за противзаконски дејствија.
Сцијалдемократите ова го протолкуваа како директна закана со цел да се воспостави партиска контрола врз правосудството. Од „Бихаќка“ велат дека изјавите на Мицкоски се преседан и обид за уништување на владеењето на правото.
Државниот обвинител Коцевски, кој беше посочен од премиерот дека е неажурен и не постапува по поднесените пријави, вели дека ќе продолжи да работи чесно, а во законот има одредби по кои може да биде разрешен.