Јаневска: Симболите на УЧК не значат ништо за Македонија, a Комитите се дел од историјата

од Nikola Popovski
106 прегледи

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска информира дека Државниот просветен инспекторат е на пат кон училиштето во Челопек, со цел да го истражи настанот од четвртокот минатата недела кога се одржуваше приредба со ученици кои во еден дел од настанот носат униформи со амблеми на УЧК и пластични пушки. Според министерката, дополнително добиле пријави за училиште во Чаир, две училишта во Тетово и училиште во Струга.

-За сите училишта каде што имаме докази со слики и пријави дека се случувал немил настан, Просветниот инспекторат е на терен и очекуваме да ги дадат првичните информации. За да се изготват записници ќе треба малку подолго време, рече Јаневска при посетата на општина Штип.

За обвинувањата од ДУИ во однос на настанот, Јаневска потенцира дека ова е заедничка земја на сите граѓани кои живеат тука. Бара заеднички да ја градиме државата и сите да чувствуваме одговорност и љубов кон неа.

-Младите се иднината на секоја земја. Најмалку што треба да има во училиштата е политика. Да не биде неразјаснето – постапувам како министер по закон. Војската на УЧК и симболите не значат ништо за оваа држава. Војната и конфликтот предизвикаа жртви на сите инволвирани страни. Сите мајки исто плачат и жалат. Наместо да го заборавиме конфликтот и да ги образоваме во државата, ние малите деца ги учиме на воинственост и држење на оружје, па и позиции на стрелање, на нешто што не е поврзано со нашата историја, истакна министерката.

За изедначувањето на овој настан со ученици од скопско училиште каде што деца се облечени како Комити, како што објавија од ДУИ, Јаневска вели дека Комитите се дел од историјата на Македонија и се дел од наставната програма.

-Комити биле и Македонци, Албанци, Турци и други етникуми. Тие луѓе треба да ги чествуваме, тие кои се бореле за слобода и сопствена држава и просперитет на сопствената држава, додаде министерката за образование.

Слични содржини