Исени: Безбедносната состојба е стабилна, случаите во Куманово се изолирани

од Nikola Popovski
19 прегледи

Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска (02.12.2024) оствари работна посета на СВР Куманово. Во рамки на посетата било разговарано за севкупната безбедносна состојба на територија на Куманово вклучително и настаните со знамето и синоќешното опожарување на три возила и еден објект.

Било констатирано дека безбедносната состојба е стабилна а овие изолирани случаи дел се целосно расчистени а дел се работи на нивно расчистување и изведување на сите прекршители пред лицето на правдата.

-Заменик министерот Исени уште еднаш истакна дека одржувањето на безбедноста, мирот и спокојот на граѓаните се апсолутен приоритет на полицијата и секој што ќе се обиде на било каков начин тоа да го наруши ќе биде спречен и санкциониран од страна на полицијата и изведен пред лицето на правдата, информираа од МВР.

Три возила и една деловна просторија се опожарени доцна синоќа во Куманово. Едно од возилата е во сопственост на јавниот обвинител Џелал Бајрами, додека фотокопирницата е на советникот од ДУИ, Фитор Јакупи. Пожарите се случиле три часа по полноќ на улиците Трст, Вардарска и Никола Вапцаров. На терен веднаш излегле екипи на противпожарната единица и полицијата.

Дежурен јавен обвинител од ОЈО Куманово извршил увид на локациите каде што се опожарени автомобилите и фотокопирницата.

Од Обвинителството информираат дека се преземени сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето. Прибрани се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а ќе се изврши увид и на снимки од камери за видеонадзор.

Речиси сите пожари настанале во исто време. Опозициската ДУИ пак излезе со соопштение во кое на случајот му даде меѓуетничка димензија. Тие повикаа на интервенција од меѓународната заедница.

Слични содржини