Заврши вонредниот инспекциски надзор во основното училиште „7 Март“ во тетовско Челопек. Утврдена е одговорност која ќе ја понесе наставничката која дозволила на приредба учениците да бидат облечени во униформи со амблеми на неформалната воена групација УЧК и со пластични пушки во раце. Како што вчера информира министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ќе бидат информирани и директорот и градоначалникот на општината за да постапат по закон.
Покрај министерката, реагираа и од опозициската ДУИ. Во понеделникот ја нападнаа Јаневска и порачаа „да се каже дека УЧК не значи ништо за оваа држава“ е неприфатлив чин кој покажува недостиг на почит кон значаен дел од населението и е обид за негирање на придонесот на Албанците во оваа земја. Го изедначија настанот со оној од лани во една градинка во Аеродром каде дечиња биле облечени како Комити и Војводи.
Дел од јавноста го осудува наративот испратен преку приредбата во Челопек, додека дел сметаат дека децата треба да се облекуваат во мечето Ушко, во ликови од цртани филмови или ликови од суперхерои, а не во такви активности и улоги.
„Локално“ поразговара со дел од експертите во областа во обид да дознаеме како ваквите настани можат да влијаат на децата и каква порака се испраќа. Според Јана Момировска – специјален едукатор и рехабилитатор и едукант на семејна и системска психотерапија, евидентна е присутноста на агресија или подобро кажано, импровизираното оружје на видеото што децата го држат во раце кое секогаш ќе биде симбол на насилство и примена на сила врз некого.
Момировска се плаши дека искоренувањето на овој тип манифестации не би вродило со плод.
-Ниту пак сметам дека располагаме со методи кои можат тоа да го ветат. Искрено, познвајќи колку е важна припадноста кај човекот, не можам да порачам искоренување на настани на кои се празнува, прославува и означува некој историски момент во кои ние се пронаоѓаме. Без разлика дали станува збор за национално, верско обележје, чувството за припадност кај децата треба да се негува. Тоа учествува во градењето на нивниот идентитет.
Тоа што не се поклопува со погорекажаното на оваа приредба е тоа што таа не означува припадност и не ја поткрепува и јакнее припадноста кај овие деца за нешто што тие го сметаат за нивно. Приредбата поткрепува дејствие и ги учи дека најсилните одлики на групата со која се поистоветуваат се симболите на оружје, насилство, моќ и доминација. Дополнително поткрепувачки е фактот што нивните најголеми авторитети го поткрепуваат тоа со громогласни овации, објаснува едукаторката.
Момировски оценува дека важно е да се нагласи како станува збор за деца кои се во ек на градење на моралните вредности. Тоа значи дека што сега ќе им се пласира за морално исправно, тоа ќе биде основата на која ќе се доградуваат себеси во иднина.
-Најголема е одговорноста на организаторите на приредбата во случајов, кои пред се треба да се педагози. Употребата на мали деца во активности кои можеби имаат во позадина мотив на задоволување нечии адпирации не смее да поминува без одговорност. Училиштето е институција во која треба да се постапува исклучиво по однапред утврдените програми за кои сум убедена дека не содржат активности кои симболизираат агресија или било какво престапно однесување, анализира соговорничката.
Според неа, приредби од ваков тип се педагошки неисправни бидејќи поткрепуваат насилство. Посочува дека славењето на она што нам ни претставува гордост не може да биде преку манифестации на агресија.
-Припадноста треба да се негува на други позитивни начини, преку кои акцент ќе се стави на визијата и добрата воља на оние чии идентитети сакаме да ги пренесеме на наредните генерации, објаснува Момировска и додава дека од политичка гледна точка, приредбата би била разгледана како провокација, кога би се зеле предвид сите политички и меѓуетнички збиднувања во рамките на нашата територија.
Дали има политика во приредбите?
Освен во Челопек, вакви слични манифестации се одржале и во други училишта низ Македонија. Првично од МОН рекоа дека имаат пријави во две училишта во Тетово и во училишта во Чаир и Струга. Била спроведена инспекција и кај нив, но, според вчерашните зборови на Јаневска, немало нерегуларности. Сепак министерката, најави ќе биде спроведена обука за соживот, мултикултурализам и мултиетничност и за тоа ќе се бара поддршка и од ОБСЕ.
За обвинувањата од ДУИ дека води „антиалбанска политика“ и „двојни стандарди“ во образованието, Јаневска вели дека како политичка партија имаат право на преземање некакви акции, но тоа не смеат да го прават преку децата и училиштата. Не е дозволиво понижување на државните симболи и воведување милитаризам во училиштата, вели министерката.
-Жално е што во држава членка на НАТО и која вели дека е подготвена за членство во ЕУ да има манифестациска прослава во училишта, каде што децата се милитаризираат, со приказни за борци од паравоени формации или од нашето минато. Децата треба да се образуваат во духот на просветата. Но, затоа и сме таму каде што сме на сите релевантни истражувања за квалитетот на нашето образование, вели политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски во кратка анализа за „Локално“, објаснувајќи од политички агол за настанот.
Според него, во длабоко етнички поделено општество, ова е задкулисна партиско – политичка провокација, преку која се злоупотребува една од најранливите категории на граѓани – децата во основните училишта.
-Но нашите политички елити се бескрупулозни и не бираат средства за политички поени и пресметки, дури и преку грбот на децата. Национализмот секогаш се храни еден со друг, дециден е Атанасоски.
Оценува дека „тоа е спирала или маѓепсаниот круг од кој излез нема, а може само да доведе до војни, страдање, разрушување и смрт, како и уништени животи, градови и држави, односно цели судбини“.
-Нашата политичка номенклатура воопшто не е созреана од раните деведесетти кога беснееше националистичкиот вител и доведе до крвав распад на Југославија и воениот конфликт кај нас во 2001. Голема среќа е што сме во НАТО алијансата, но тоа не може да ни гарантира внатрешен мир и безбедност, ако имаме постојана трка на национализмите. Тоа може да не доведе до нова катастрофа, заклучува соговорникот.
Н.П.