ДУИ за Законот за јазиците: 11. декември е денот кој може да промени сè, не сме одговорни за последиците

од Nikola Popovski
277 прегледи

Од ДУИ преку соопштение за медиумите велат дека 11 декември, денот кога Уставниот суд ќе одржи расправа за уставноста на Законот за јазиците, е денот кој може да промени сè. Од ДУИ дури велат дека „последиците ќе бидат непоправливи, а ние не можеме да преземеме одговорност за тоа што може да се случи потоа“.

„Уставниот суд одлучи на 11 декември да ја преиспита уставноста на Законот за употреба на јазиците – еден од главните столбови на Охридскиот мировен договор и меѓуетничкиот соживот. Секој обид за укинување на која било одредба од овој закон не е само правна постапка, туку е директен удар врз стабилноста и мирот што оваа земја ги изгради со многу жртви“.

„Понатаму, судиите на Уставниот суд од албанска етничка припадност јавно се изјаснија дека ќе ја бојкотираат оваа седница и одлучување. Овој бојкот е силен показател дека овие напори да се удрат 10 члена од овој закон се длабоко дискриминаторски по природа и имаат за цел институционално да го „убијат“ албанскиот јазик“, порачуваат од ДУИ.

„Овој закон е производ на комплициран компромис, постигнат по долгогодишни напорни преговори и е темел на меѓуетничката еднаквост и взаемно почитување. Одлука што би го прекршила овој закон би претставувала сериозно кршење на Охридскиот договор и враќање во неизвесна и проблематична иднина“, велат од ДУИ.

„ДУИ го смета овој момент како критична точка, каде секоја акција насочена кон нарушување на оваа деликатна рамнотежа е преминување на Рубикон. Ако еднаш се премине таа линија, нема да има враќање назад! Доколку Уставниот суд одлучи да ги уништи достигнувањата на Охридскиот договор, последиците ќе бидат ненадоместливи, а ние не можеме да одговараме за тоа што може да следи“.

„Ги повикуваме граѓаните, политичките лидери и меѓународната заедница веднаш да дејствуваат за да се спречи овој чин кој ја загрозува стабилноста на земјата и регионот. Албанците и сите заедници кои веруваат во правда и еднаквост не можат да молчат пред оваа закана“, велат од таму.

Уставниот суд на 11 декември ќе одлучува за судбината на Законот за употреба на јазиците. Претходно, на 2 октомври беше откажана седницата на која требаше да се донесе одлуката, поради „чувствителноста на ситуацијата со укинувањето на балансерот“.

Овој предмет се состои од вкупно 13 иницијативи и политички партии, иницирани од ВМРО-ДПМНЕ, Левица, како и организации и професори од граѓанскиот сектор.

Во тензична и бурна атмосфера македонското Собрание во 2018 година го донесе Законот за јазици. Законот предизвика многу реакции во и надвор од парламентот. Со законот се предвидува во сите органи на државната власт, како централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии и правни лица што вршат јавни овластувања, службен јазик освен македонскиот јазик и неговото писмо, да биде и албанскиот јазик.

Слични содржини