Трамп во Париз – големо враќање на меѓународната сцена

од Vladimir Zorba
838 прегледи

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп утринава пристигна во Париз, каде ќе присуствува на повторното отворање на катедралата Нотр Дам.

Франс прес објави дека доаѓањето на Трамп во Париз, неговото прво патување во странство по победата на претседателските избори во САД на 5 ноември, е негово големо враќање на меѓународната сцена.

Церемонијата на повторното отворање на готската зграда по разорниот пожар во 2019 година ќе биде можност светските лидери да слушнат од новоизбраниот американски претседател кои се неговите намери за остатокот од планетата.

За време на неговиот прв мандат помеѓу 2017 и 2021 година, републиканскиот лидер прекрши голем број дипломатски норми.

Американскиот претседател во заминување Џо Бајден е меѓу педесетте светски лидери поканети во Париз од францускиот претседател Емануел Макрон, но тој на церемонијата ќе биде претставен од неговата сопруга Џил.

На својата платформа True Social, Трамп го најави своето пристигнување во Париз во понеделникот и го пофали францускиот претседател што „изврши исклучителна работа осигурувајќи се дека катедралата Нотр Дам ќе биде вратена во сета своја слава, па дури и повеќе“.

Трамп не кажа дали ќе разговара со други лидери, но француското претседателство соопшти дека ќе биде примен во Елисејската палата од францускиот претседател, кој потоа ќе го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Не е познато дали републиканскиот милијардер, кој е многу критичен кон милијардите долари што САД и ги дадоа на Украина, директно ќе разговара со украинскиот претседател.

Идниот американски претседател постојано изјави дека има намера силно да се дистанцира од политиката на голема поддршка за Украина, која администрацијата на претседателот Бајден ја спроведува од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Трамп вети дека ќе го реши конфликтот уште пред да ја преземе функцијата на 20 јануари, иако никогаш не објасни како има намера да го стори тоа.

За Емануел Макрон, кој е средe превирања поради падот на владата, поканата до Трамп остава впечаток на нешто што е веќе видено, кога францускиот претседател се обидува да омекне американски претседател познат по своите импулсивни постапки и со коj во минатото имал длабоки несогласувања, пишува Франс прес.

За Европејците, контрастот во стилот меѓу Џо Бајден и Доналд Трамп не може да биде поголем. Додека демократскиот претседател во заминување и Емануел Марон неодамна соработуваа за да го олеснат кревкото примирје меѓу Израел и Либан, Доналд Трамп сигурно ќе се дистанцира од Европејците по прашањето на Блискиот Исток и ќе формира уште поблизок сојуз со Израел, според АФП.

Кога дојде во Белата куќа во претходниот мандат во 2017 година, првото патување на Трамп во странство беше патување во Саудиска Арабија за да потпише договор.

Слични содржини