Во овие моменти, кога судницата станува арена на судир помеѓу историјата и визијата за иднината, свесни сме дека тоа не е само за законот или Уставот, станува збор и за тоа каква држава сакаме да бидеме. Македонија е татковина за сите нас. Таа не е само територија – таа е приказна за заеднички живот, за споделени предизвици во добро и лошо. И во таа заедничка приказна, јазикот е симбол на нашиот дух, нашето достоинство и нашата слобода, вака објави пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи за денешната седница на Уставниот суд на која треба да започне расправата за Законот за употребата на јазиците.
Со почит кон македонскиот јазик, јас, додава Битиќи како Албанец, го прифаќам неговото значење и вредност за македонскиот народ.
-Ја прифаќам и мудроста на Крсте Мисирков, кој рекол: „Да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже тој и од народниот дух и од самиот себе си.“ Овие зборови ме инспирираат да додадам дека истата таа вистина важи за сите јазици во оваа држава, без разлика на тоа кој јазик го зборуваме – македонскиот, албанскиот или било кој друг.
Во овие моменти, кога самата можност за употребата на албанскиот јазик е доведена во прашање, свесен сум дека можеби утре некој ќе се обиде да го замолчи мојот глас. Но, јазикот е повеќе од зборови – тој е нашиот идентитет, нашето право да бидеме тоа што сме и нашата верба во еднаквоста. Да зборувам на албански јазик во оваа држава значи да верувам во заедничка татковина каде различностите се вреднуваат како богатство. Македонија е најсилна тогаш кога ги слуша сите свои граѓани – на сите јазици, порачува Битиќи.
Пратеникот и екс-вицепремиер е дециден дека Македонија е нашата татковина, а татковината, според него, како што секој од нас знае, не е само земја туку е дом кој ги прифаќа и почитува сите свои деца, со нивните јазици, нивните култури и нивните идентитети.
-Употребата на мајчиниот јазик не е привилегија, тоа е фундаментално право што секоја инклузивна држава мора да го гарантира. Само кога сме отворени кон различностите, стануваме посилни и посплотени, додава Битиќи преку објава на социјалните мрежи.