Поранешната јавна обвинителка, Вилма Русковска смета дека нема одговорност само кај екс-вицепремиерот Артан Груби кога претседавал со владината седница за Државна лотарија која е оспорена со кривичната постапка. Според неа, Владата е колективно тело и не може само Груби да биде одговорен.
-Не сум ја видела кривичната пријава, но може има други дејствија со екс-директорот на Лотарија. Тој ја потпишал одлуката…Владата е колективно тело и заедно ги носат одлуките. Не може само еден од Владата да одговара, рече Русковска во емисијата „Топ тема“.
Таа е децидна дека имало и други членови на Владата на седницата кои се согласиле и гласале за Државната лотарија да набави ВЛТ терминали за да почне самостојно да организира електронски игри на среќа.
-Не бил сам на седницата. Не може да ги доведе во заблуда – ниту се малолетни ниту малоумни, додаде поранешната јавна обвинителка.