Во јавноста се уште е актуелна темата по бегството на екс-вицепремиерот Артан Груби откако беше обелоденето дека е вмешан во злоупотреба на службената должност за проневера во државната Лотарија. Најголемите партии продолжуваат со обвинувањата за тоа кој е виновен за неговото бегство и дали се осудува таквиот потег.
Од СДСМ прашуваат дали министерот Панче Тошковски ќе преземе одговорност за настанот.
-Последните информации за бегството на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, каде што „батериите“ на камерите не работеле токму кога тој ја напуштал границата предизвика потсмев од граѓаните. До кога министерот ќе ја замајува јавноста и кога планира да признае дека ова е договорено бегство, прашуваат од СДСМ.
Од партијата на Венко Филипче информираа дека денеска ќе објави сериозни индиции за вмешаност на МВР и Тошковски во целото бегство и нови „случајности“ кои ќе отворат сомнеж.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Груби го нокаутира и онака слабиот рејтинг на ДУИ и им замерија на партијата на Ахмети и СДСМ што молчат за неговото бегство.
-Срамно е тоа што се уште СДС и ДУИ не го осудиле бегството на Груби и не го повикале да се врати. СДС и ДУИ да кажат дали го поддржуваат бегството на Груби. Али Ахмети наместо да го осуди бегството на Груби и јавно да се огради од постапките на Груби и тој замина во посета на Косово. Толку од европските вредности и агенди на СДС и ДУИ, истакнуваат од партијата на власт.
Пред два дена Груби легално ја напуштил државата, поминувајќи на пасошка контрола, иако требало да биде спречен бидејќи неговото име било ставено на стоп-листа, односно системот алармирал дека лицето треба да се запре и да не му се дозволи да излезе од државата. Ова беше објавено синоќа од МВР.
Баш кога поминувал Груби, камерите на граничниот премин „Блаце“ не работеле. Оттаму раководителот на смена го прекршил законот бидејќи не преземал мерки иако било пријавено дека камерите на полицајците на граничниот премин не работат оти им се испразниле батериите.