ДУИ отсекогаш била посветена на одговорност и транспарентност на сите нивоа на јавниот живот. Токму поради оваа причина, за време на нашето владеење до мај оваа година, нашите министри предложија прогресивен закон со кој се наметнуваат строги ограничувања за поединци објавени на американската „црна листа“ за корупција, велат од партијата на Али Ахмети преку соопштение по ставањето на американската црна листа и бегството на нивниот довчерашен сопартиец, Артан Груби.
Според ДУИ, предложението закон имаше за цел да им забрани на назначените лица да учествуваат во избори и процеси за јавни набавки, што, според нив, е важен чекор во заштитата на демократските процеси и довербата на јавноста.
-Сепак, неодамнешните настани донесоа бран политички напади врз Демократската унија за интеграција каде што некои политички актери се обидуваат да ја искористат ситуацијата во своја полза. Важно е да се разјасни вистината со транспарентност и решителност. И покрај оваа јасна определба за одговорност, предлог-законот беше блокиран во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Овие актери денеска се на чело на нападите врз ДУИ, обвинувајќи не за недостатоци во областите каде што први предложивме конкретни реформи, посочуваат од ДУИ.
Во партиското соопштение стои дека „ДУИ не е совршена, ниту се преправа дека е“.
-Учиме од предизвиците со кои се соочуваме и се стремиме да се подобриме во службата на граѓаните. Сепак, ние ги отфрламе политичките кампањи мотивирани од двојни стандарди. Нашето минато зборува само по себе: додека другите избраа да ги попречуваат реформите, ние бевме нивни иницијатори и бранители. ДУИ останува посветена на унапредување на реформите, зајакнување на одговорноста и продолжување на стремежот за просперитетно, инклузивно и демократско општество, стои во ставот од Мала Речица.