На мој предлог, ќе има вонреден Самит кој ќе се одржи на 3 февруари, исклучиво фокусиран на европската одбрана, изјавил грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на прес-конференцијата што ја одржал доцна синоќа во Брисел по завршувањето на самитот ЕУ-Западен Балкан.
Како што пренесуваат грчките медиуми, на прашањето за изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за македонскиот народ, Мицотакис појаснил дека на неговиот македонски колега му порачал дека договорот од Преспа треба целосно да се почитува, како и употребата на името „ерга омнес“.
-Пред мене, односно на средбата што ја имавме вчера на Самитот, но и утринава кога се сретнавме заедно во контекст на подготвителниот состанок на Европската народна партија, тој го употреби официјалното и единствено име на државата, кое е „Северна Македонија“. Згора на тоа, има обврска да користи „ерга омнес“.
И вчера и денеска ја повторив потребата од апсолутно почитување на меѓународните договори. Нема да го повторувам моето мислење за Договорот од Преспа, но кажав дека нашата земја е должна да го почитува и соседната земја е подеднакво должна да го почитува и тоа очигледно е неопходен услов за да се отвори нејзиниот европски пат, рекол грчкиот премиер, објави грчката „Skai“.