Владата го повлекла предлог-законот за средно образование во кој, меѓу другото, беше предвидено на почетокот и на крајот од учебната година, при завршувањето на средното образование, при одбележување на патронатот, како и при други прослави, да се интонира државната химна. Ваквата одлука следува по десетиците амандмани на дел од партиите, пред се од албанскиот блок.
Пред почетокот на комисиската расправа за законите од образованието, претседателката на Комисијата Иванка Василевска рече дека Владата го повлекува Предлог-законот за средно образование.
-Владата со допис од 20 декември го повлекува Предлог-законот за средно образование, во второ читање, информираше Василевска.
На повеќе одредби од предлог-Законот реагираа од СДСМ и од Левица, но клучно за повлекување на Законот најверојатно е што за него негативно се изјаснија и од ВЛЕН, коалицискиот партнер на ВМРО ДПМНЕ.
-По поднесувањето на амандманите од коалицијата ВЛЕН, Владата го повлече законот за средно образование. Уште еднаш се докажа дека клучен фактор кој ги гарантира албанските интереси е само ВЛЕН. Постапивме како што ни одговара. Без звук и без бучава. Во првото читање наредбата ја дадовме со тоа што воопшто не гласавме, а по потреба поднесовме амандмани. Како резултат на тоа, имаме повлекување на законот од страна на владата.
Национална интонација нема да има во училиштата во земјава, туку во Велес, затоа што ДУИ гласаше да се изведува македонската химна во таа општина. ВЛЕН е гаранцијата дека нема да се носат еднострани закони како што се случуваше со ДУИ во минатото, велат од коалицијата.
Реагираше и пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил.
-Ако ви кажат дека го повлекле пошто одредени парламентарни групи го блокирале, не им верувајте, лажат. Затоа што блокирање со новиот Деловник не е можно, можно е само да се одолговлечи 5-6 дена. Пример ви е расправата за актот со кој Власта си отвори место за трет директор на царина, кој Левица го одолговлечи 3-4 дена за да се и формира јавноста и да направи притисок, кажа Исмаил.
Од ДУИ велеа дека овие одредби претставуваат отворен напад врз темелите на меѓуетничката еднаквост и обид за воспоставување етничка доминација, што е во спротивност со духот и целта на Охридскиот договор. Пратеникот на Европскиот фронт, Блерим Беџети изјави дека предлогот- законот е повлечен благодарение на реакцијата на народот, а не поради желбите на владеачките партии.
На почетокот и на крајот од учебната година, при завршувањето на средното образование, при одбележување на патронатот, како и при други прослави, треба да се интонира државната химна. Ова го предвидуваше новиот Закон за средно образование. Министерката за образование Весна Јаневска истакна дека интонирањето на химната не е задолжително. За пуштање на химната ќе одлучуваат институциите под чија капа се училиштата, односно општините и Град Скопје.