Во австралиската држава Викторија има нагло зголемување на случаите на „Бурули улцера, болест предизвикана од бактерија што јаде месо.
Инфекцијата се проширила низ предградијата на Мелбурн, а властите се загрижени поради зголемениот број на пациенти, пишува „Гардијан“. Бурули улцера е позната болест во Австралија од 1940-тите, а случаи се пријавени во Викторија, Северната Територија и северен Квинсленд.
До 17 декември се регистрирани 344 случаи на заболени, што е слична бројка во однос на истиот период од 2023 година кога биле регистрирани 362 случаи.
Лекарите рекоа дека заболените обично развиваат јазол или рана, која првично може да изгледа како каснување од инсект и дека сите луѓе се подложни на оваа инфекција, но дека заболените се главно постари од 60 години.
Тие забележаа дека периодот на инкубација варира од четири недели до девет месеци и дека раните може да се појават насекаде на телото, но најчести се на екстремитетите.
Експертите ги советуваа луѓето да користат средства за заштита од инсекти, да носат светла и широка облека и да избегнуваат места каде што има комарци кои ја носат болеста. Тие советуваа и да се избегнува престој на отворено во периодот кога комарците се најактивни, пренесува „Танјуг“.