Меџити: Прашањето за Груби е затворено

од Nikola Popovski
63 прегледи

Министерот и вицепремиер Изет Меџити смета дека прашањето за екс-вицепремиерот Артан Груби е затворено.

-Мислам дека Владата го направи своето. Се враќа законската држава. Никој не е над законот. Кога сме кај политиката, прашањето за Груби е затворено. Останува на органите на редот да се занимаваат со ова прашање, но, и со другите случаи, кратко кажа Меџити на настанот во Владата за потпишување писмо на намери за поддршка на првиот проект за 100% електричен кар-шеринг во Скопје.

Дека Груби, кој е осомничен во случајот „Државна лотарија“ е во Албанија, прв обелодени токму Меџити. Во изјава за албанската телевизија „Ора вести“, според неговите информации, Груби ги напуштил границите на Косово и се наоѓа во нашиот западен сосед. Според него, политичарите треба да дадат порака дека борбата против корупцијата е бескомпромисна и дека никој не е над законот.

Премиерот Христијан Мицкоски не сака да шпекулира дали поранешниот вицепремиер е во Албанија или во Косово, но како што вели, факт е дека не бил чист како солза, бидејќи во спротивно немало да бега од правдата. Според шефот на Владата, пораките што ги испраќаат СДСМ и ДУИ не се во насока на одлучна борба со криминалот и корупцијата.

Слични содржини