Нолан ќе снима филм за „Одисеја“ од Хомер, собрани се бројни ѕвезди

од Nikola Popovski
36 прегледи

Според новата објава на „Universal Pictures“ на платформата „X“, режисерот Кристофер Нолан следната година ќе започне со снимање на „митска акциона епопеја со користење на целосно новата технологија IMAX“.

Филмот ќе ја донесе Хомеровата „Одисеја“ на екранот за прв пат во историјата на кинематографијата во технологија IMAX, а во кината ширум светот ќе пристигне на 17 јули 2026 година, објави „Variety“.

Нолан собрал бројни ѕвезди, а актерската екипа ја сочинуваат Мет Дејмон, Том Холанд, Ен Хатавеј, Зендаја, Лупита Нионго, Роберт Патинсон и Шарлиз Терон.

Како што е најавено, режисерот на оскаровската драма „Опенхајмер“ ќе започне со снимање на новиот филм во првата половина на 2025 година „ширум светот“.

Нолан е и сценарист и продуцент, во соработка со Ема Томас.

Хомеровиот еп „Одисеја“ сè уште е едно од најстарите литературни дела што се читаат и денес. Ја прикажува приказната за грчкиот херој Одисеј за време на неговото бурно патување дома по Тројанската војна.

„Одисеја“ веќе неколку пати беше прикажан на големото платно, најпрвин во немиот филм на Џузепе де Лигуоро од 1911 година, а подоцна и во „Улис“ од 1954 година, со Кирк Даглас во главната улога.

За новиот проект неодамна проговори и Том Холанд, кој „призна“ дека го потпишал проектот без да знае многу детали.

„Да бидам целосно искрен, не знам за што се работи. Супер сум возбуден, но не ми кажаа многу за проектот. Се сретнав со Нолан и беше одлично. Тој некако избегнуваше да каже за што станува збор, но сигурен сум дека ќе го стори тоа, кога ќе биде подготвен да каже повеќе“, рекол Холанд.

Слични содржини