Триумф на „Опенхајмер“: „Таткото на атомската бомба“ освои седум „оскари“

Режисерот Мстислав Чернов ѝ го однесе првиот „Оскар“ во историјата на Украина, победувајќи во категоријата „Најдобар долгометражен документарен филм за „20 дена во Мариупољ“

од Бети Божиноска
305 прегледи

„Опенхајмер“ на Кристофер Нолан e големиот победник на 96. доделување на најпрестижните филмски награди во светот „Оскар“, оправдувајќи ја фаворитската улога со седум статуетки од вкупно 13 номинации, вклучувајќи ги и оние за најдобар филм и за најдобар режисер за Нолан.

Биографскиот историски филм за „таткото на атомската бомба“ доби и две актерски награди: Ирецот Килијан Марфи ја доби статуетката за најдобар актер за улогата на американскиот физичар Роберт Опенхајмер, а Роберт Дауни Џуниор ја доби статуетката за најдобра споредна машка улога за ривалот на Опенхајмер и политичар Луис Штраус.

Филмот победи и во категориите за најдобра кинематографија, најдобра оригинална музика и најдобра монтажа.

Во категоријата „најдобра женска улога“ победи Ема Стоун за својата улога во гротескната комедија „Poor Things“, која освои вкупно четири награди, вклучително и за продукциски дизајн, шминка и фризура и за костимографија.

Дејвин Џој Рендолф ја доби наградата за најдобра споредна женска улоуга за својата изведба во „The Holdovers“.

Минатогодишниот најпрофитабилен филм, „Барби“ мораше да се утеши со само една награда и покрај осумте номинации, и тоа во категоријата „најдобра оригинална песна“ за „What Was I Made For?“ која отиде во рацете на Били Еилиш и нејззиниот брат Финеас.

И филмот „Анатомија на еден случај“, еден од фаворитите за главната награда, ја заврши вечерта само со наградата за најдобро оригинално сценарио.

Режисерот Мстислав Чернов ѝ го однесе првиот „Оскар“ во историјата на Украина, победувајќи во категоријата „Најдобар долгометражен документарен филм за „20 дена во Мариупољ“, додека награтата за „најдобар кус документарец“ отиде кај „Последната работилница за поправки“ на Бен Праудфут и Крис Бауерс.

„The Zone of Interest“ во продукција на  Обединетото Кралство и Полска го доби „оскарот“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, но триумфираше и во категоијата „најдобар звук“.

Иако со 10 номинации, „Killers of the Flower Moon” на Мартин Скорсезе не освои ниту една статуетка.

Слични содржини