Покетино: ВАР го нарушува имиџот на англискиот фудбал

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Челси, Маурисио Покетино, изјави дека употребата на ВАР технологијата го нарушува имиџот на англискиот фудбал, откако беше поништен победникот на неговиот тим против Астон Вила во Премиер лигата.

Синоќа, Челси ремизираше 2:2 во Бирмингем против Астон Вила, а во петтата минута од судиското надополнување, по употребата на ВАР технологијата, голот на Аксел Дисаси беше поништен поради прекршок при акцијата.

Челси губеше со 0:2, а во првото полувреме му беше поништен гол, откако беше утврдено дека Николас Џексон е во офсајд.

„Сите што го гледаа натпреварот ќе бидат разочарани. За две различни работи судијата рече дека е прекршок и го поништи голот и побара потврда од ВАР системот. Судијата е неверојатен и смешен. Тешко е да се прифати, вакви работи во полуфиналето на ФА Купот (против Манчестер Сити) пред две недели, имаше игра со рака и не беше досуден пенал, а судијата не го провери“, изјави Покетино за ТНТ Спортс, пренесе Скај.

„Ова е болно и го нарушува имиџот на англискиот фудбал. Мислам дека ниту играчите на Астон Вила, ниту нивните навивачи не разбираат зошто голот е поништен. Тие рекоа дека е прекршок, а ако на секој таков дуел гледаме како фаул, тогаш не би го завршиле натпреварот со 11 играчи, можеме да зборуваме за играта или за одлуката – тоа му штети на фудбалот“, додаде тренерот на лондонскиот тим.

Слични содржини